Во пресрет на новогодишните празници, кога спомените сами се враќаат, а тишината знае да зборува погласно од секој збор, ви носиме празнично интервју со личност која ретко зборува во јавноста за својот приватен живот.
Водителот и уредник на Утринската на Канал 5 телевизија, човекот кој со години е дел од нашите утра, за Точка првпат реши да се наврати на едно многу лично поглавје - своето детство.

Без улога, без студиски светла, само со искрени мисли и фотографии од едно време во кое празниците имаа поинаков звук, мирис и тежина. Ова не е класично интервју, туку тивка, топла новогодишна исповед за домот, луѓето, и магијата што се носи длабоко во себе.
Новогодишните празници за Роберт не се датум, не се часовник што одбројува, туку чувство што останува засекогаш. Како што самиот вели:
„Мислам дека нема човек кој со посебни емоции и радост не се сеќава на новогодишните празници кога бил дете“.

Во тие сеќавања живеат „секојдневните дилеми што би сакал да ти донесе Дедо Мраз (што ќе одлучи мајка ти да ти купи), прошетките низ продавниците по ГТЦ, тезгите на плоштат, купувањето балони, честитки и детски маски“. А потоа следува и „зимскиот распуст кој доаѓа по празниците и играњето на снег, кој тогаш го имаше за разлика од денес“.
Домот за празници, според него, имал едно единствено правило што важи и денес:
„Полна куќа луѓе - полната куќа е секогаш побитна од полн паричник“.
Подароците, пак, имале своја детска магија. Не поради вредноста, туку поради вербата.

„Како дете битно беше да има подарок под елката на први јануари, да видиш дали Дедо Мраз ти ја слушнал желбата и ти донел тоа што си побарал“. А хуморот доаѓал подоцна, затоа што „смешните и интересни подароци доаѓаа после тинејџерските денови, зависи колку креативни ти биле другарите да те изненадат“.

Празнувањето секогаш било заедничко.
„Собирање кај некој од фамилијата дома, зависи дали ќе биде кај вас дома или тетка, вујко, чичко, битно беше да е куќата полна“. Во тие вечери се памети и звукот на телевизорите - „од две три телевизии кои ги имаше тогаш бираш една кај што има музика“, и вкусот што не се заборава: „на маса секако сарма и руска салата“. Деталите ја прават приказната жива - „газиран сок со една лажица шеќер за да не те фати грлото и легнување што е можно подоцна“.

„Една година имавме ,,генијална” идеја да славиме кај мене во викендица на 25 км од Скопје“. Но магијата брзо се судрила со реалноста: „излезе дека поради нискиот напон на струјата вечерта не можеме да се загрееме никако, па после час и половина мрзнење решивме сепак да се вратиме назад“. Со доза хумор и олеснување: „Недостасуваше уште да ни се дупне гума за назад и да ја комплетираме вечерта“.
Кога станува збор за сетилата, Роберт без двоумење вели: „Секако сармата, тазе печеното месо, обландите на мајка ми...“ А од телевизискиот екран, секоја година истото задоволство: „Супермен се разбира, што е Нова година без Супермен? Го пуштам и ден денес“.

Желбите со годините се менуваат. „Сконцентриран сум Цеце на сегашните желби, да видам следната година што ќе остварам од замисленото“. Но вредностите остануваат исти: „Секогаш доброто друштво, семејството и моите најблиски тука и на едно место. Не ми е ништо поважно од тоа“.
За разликите меѓу генерациите има разбирање, не осуда. „Сите генерации си имаат различни начини како ги доживуваат и ги слават празниците“. Се сеќава и на минатото: „Порано ние славевме исклучиво навечер, денски одмаравме за да може да издржиме вечерта“. Денес е поинаку, но прифатливо: „Денес дневната шема е најбитна, и во ред е“.

А пораката со читателите на Точка, со која го заокружува овој празничен разговор е едноставна и силна, токму како детството што го опишува:
„Да го сочуваат детето во себе“.
Новогодишното интервју со Роберт Јанков не е само разговор - тоа е потсетник дека магијата не исчезнува, туку тивко чека да ѝ се вратиме.

Автор: Ц.Н.









