Една од најпрепознатливите и највозбудливи манифестации на македонската сцена повторно се подготвува да ја обои зимата со сатира, музика и бескомпромисна забава. Започна продажбата на билетите за 29-то издание на „Златна Бубамара на популарноста“, настан кој веќе речиси три децении претставува огледало на времето во кое живееме.
Под мотото „Апсолутна власт - Апсолутна забава“, овогодишната „Бубамара“ ќе понуди духовит, музички и сценски осврт на изминатата 2025 година. Преку хумор, иронија и врвна продукција, манифестацијата ќе ги спои најпознатите имиња од македонската уметничка сцена, со гости од регионот, а годинава ќе има и уметници од светската сцена - најавувајќи вечер исполнета со изненадувања и незаборавни моменти.
Настанот ќе се одржи на 26 февруари во арената „Борис Трајковски“, простор кој традиционално станува сцена на најголемите музички и забавни спектакли во земјава. Организаторите најавуваат динамична програма која ќе ја спои смеата со емоциите, а публиката – со чувството дека е дел од нешто автентично и неповторливо.
Билетите се веќе достапни онлајн преку сервисите mktickets и karti.com.mk, а од 3 јануари ќе можат да се набават и на продажното место во цвеќарницата „Розе Веро 2“. Со оглед на големиот интерес што традиционално ја следи „Златна Бубамара“, препораката е билетите да се обезбедат навреме.
„Златна Бубамара на популарноста“ и оваа година ветува вечер во која годината ќе биде раскажана онака како што најдобро знае – со смеа, музика, храброст и апсолутна забава.
Автор: Ц.Н.









