Методи Здравев, фоторепортер на „Слободен печат“ забележал историска сцена на скопските улици – последниот полициски „стокец“ замина во заслужена пензија, откако Министерството за внатрешни работи во петокот соопшти дека набавило 120 нови службени возила.
За разлика од неговите колеги во МВР, легендарниот „Стојадин“ немал бенефициран работен стаж. Автомобилот „Застава 101“, попознат под прекарите „стокец“ и „Стојадин“, за првпат влезе во полициска употреба во поранешна Југославија, вклучително и во тогашната Социјалистичка Република Македонија, кон крајот на 1970-тите години. Најинтензивно се користеше во текот на 1980-тите, што значи дека ниту еден примерок што денес сè уште е во сообраќај не е „помлад“ од 40 до 45 години.

„Застава 101“ е еден од најпрепознатливите автомобили произведени на овие простори. Производството започна на 16 октомври 1971 година во фабриката „Застава“ во Крагуевац, врз основа на „Фиат 128“, а моделот брзо стана симбол на југословенските патишта. Благодарение на својата едноставна конструкција, ниските трошоци за одржување и солидната издржливост, „Стојадин“ беше масовно користен и од граѓаните и од државните институции.

Во текот на повеќедецениското производство, кое официјално заврши на 21 ноември 2008 година, беа произведени вкупно 1.045.458 единици. Автомобилот остави длабока трага во колективната меморија како симбол на едно време, но и како верен службеник кој со децении ја извршуваше својата задача – од секојдневниот живот, па сè до полициските патроли.

Со заминувањето на последниот полициски „стокец“, симболично се затвора едно долго поглавје од историјата на македонската полиција и на автомобилската култура на овие простори.
Фото: Слободен печат












