Многу возачи тргнуваат од претпоставката дека редовната замена на моторното масло претставува некаков „ресет“ за моторот. Нов филтер, свежо масло и мирни следните 10 или 15 илјади километри.
Според предупредувањето на американскиот механичар Патрик Волш, токму оваа логика е една од најчестите причини поради кои модерните мотори се уништуваат – тивко и без јасни предупредувања.
Волш, кој со години работи како механичар, тврди дека проблемот често не лежи во немарноста на сопствениците, туку во начинот на кој функционираат брзите сервиси за замена на масло. Во пракса, вели тој, често се случува маслото да се испушти и замени без претходна проверка на почетното ниво. Ако моторот веќе дошол со премалку масло, тој податок едноставно исчезнува во процесот на сервисирање. Сопственикот заминува со полн картер, убеден дека сè е во ред, а не знае дека моторот уште пред замената имал пониско ниво на масло од идеалното.
@walshauto #tiktoktechtips #technicianlife #entrepreneurlife #smallbusinesstiktok #automotiverepair ♬ original sound - Walsh Auto & Performance
Особено чувствителни се модерните бензински и дизел мотори со директно вбризгување на горивото. Таквата конструкција носи подобра ефикасност и пониска потрошувачка, но на долг рок предизвикува создавање наслаги од јаглерод во моторот. Со текот на времето тоа може да влијае на клипните прстени и контролата на маслото, кое почнува да навлегува во комората за согорување и да согорува – без видливи протекувања, без дамки под автомобилот и често без чад од издувната цевка.
Проблемот е што зголемената потрошувачка на масло често не се појавува постепено. Моторот може со години да работи нормално, а потоа во релативно краток период да почне да троши литар масло на секои илјада километри, па дури и побрзо. Светлото за масло по правило се вклучува дури кога штетата веќе е блиску до критично ниво, пишува „Auto Klub“.
Волш предупредува дека првите знаци често не се предупредувања на инструмент таблата, туку звуци. Ѕвечкање на ланецот, краткотрајно чукање при ладно стартување или нестабилна работа можат да укажуваат дека делови од моторот остануваат без масло при палење. Таквите повторувани „суви стартувања“ го забрзуваат трошењето и можат да доведат до скапи дефекти.

Најважниот совет, всушност, е и наједноставниот: повремено да се извади мерната шипка и да се провери нивото на масло, особено кај автомобили со поголема километража. Фактот што производителите понекогаш наведуваат потрошувачка до еден литар на илјада километри како „нормална“ не значи дека таквата состојба е безопасна. Краткотрајниот недостиг на масло може да остави трајни последици.
Дефектите повеќе не доаѓаат со јасни знаци. Автомобилите не „течат“, не чадат и често не предупредуваат. Токму затоа мерната шипка за масло може да биде посериозно предупредување од која било сијаличка на инструмент таблата.














