Тренерот на Денвер стравува од најцрно сценарио за Јокиќ: Овие работи се дел од спортот

Дерби

30/12/2025

12:10

288

Големина на фонт

а а а

Денвер целосно се распадна во второто полувреме и доживеа тежок пораз од Мајами на гостувањето на Флорида, но сите мисли по крајот на мечот беа насочени кон Никола Јокиќ кој заработи непријатна повреда на коленото.

Иако доби несреќен удар од свој соиграч во пределот на зглобот, изместувањето се случи во левото колено и Јокиќ го вклучи алармот со своите превиткувања на паркетот, а бидејќи станува збор за зглоб кој често страда после вакви ситуации, сите во Денвер стравуваат од најцрното сценарио.

Повреда на предниот вкрстен лигамент дефинитивно би бил огромен удар за самиот Јокиќ и за сите кои се дел од тимот, а во таа насока одеше и изјавата на тренерот Дејвид Аделман.

– Јокиќ веднаш сигнализираше дека нешто не е во ред, знаеше дека нешто не е како што треба. За жал, ова е дел од спортот и од НБА лигата. Секоја повреда е прилично потресна, но уште повеќе кога се работи за играч како него. Ќе знаеме повеќе во текот на утрешниот ден кога ќе биде направен магнет.

– Не може да давате конечни одговори веднаш после вакви ситуации. Знам дека Јокиќ е посебен играч и дека сите сакаат да пренесат информации, но ќе мора да минеме низ овој процес како што треба. Сите наши мисли се со него, се надеваме дека не станува збор за најлошото, се надеваме дека не е катастрофално сценарио. За жал, вакви работи се дел од спортот и ќе мораме да најдеме начин да одиме напред и во ситуација ако го немаме долго време, – изјави Аделман, алудирајќи на руптура на предниот вкрстен лигамент.