Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека поранешниот директор на затворот „Скопје“ и актуелен член на Извршниот одбор на опозицискиот СДСМ, Филип Андов-Сокол, е прогласен за виновен и осуден на осум месеци затвор во судскиот процес што против него и уште шестмина затворски полицајци се водеше за злоупотреба на службената положба и овластување.
„Основниот кривичен суд Скопје, ја објави пресудата за предметот со КОК бр. 98/25 поврзан со вработени во КПУ Затвор Скопје со која, обвинетите ги огласи за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и ценејќи ги сите олеснителни и отежителни околности, на обвинетиот:
Ф.А. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 вв со ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ го осуди на казна затвор во траење од 8 месеци,
Обвинетиот П.А. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 6 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 2 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,

Обвинетиот Ѓ.Р. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,
Обвинетиот С.П. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,
Обвинетиот Т.Н. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ и кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ, му утврдува единствена казна, односно алтернативна мерка – Условна осуда од 8 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 3 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,

Обвинетиот Е.О. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 вв со чл. 45 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 6 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 2 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело и
Обвинетиот К.В. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело.
Како што истакнуваат од Кривичниот суд, изречената пресуда не е правосилна и на неа странките, односно Обвинителството и обвинетите имаат право на жалба пред Апелацискиот суд Скопје.












