Првата жртва во пожарот што избувна за Нова година во бар во ски-центарот во Швајцарија е идентификувана како 17-годишниот италијански голфер Емануеле Галепини.
Неговото име го објави Италијанската голф федерација, која соопшти дека жали за смртта на „млад спортист кој отелотворуваше страст и вистински вредности“.
„Во ова време на голема тага, нашите мисли се со неговото семејство и сите што го сакаа“, соопшти федерацијата.
Швајцарската полиција предупреди дека може да потрае со денови или дури недели за да се идентификуваат сите што загинаа во трагедијата. Точниот број на луѓе што биле во барот кога избувнал пожарот останува нејасен, а полицијата не прецизираше колкумина сè уште се водат како исчезнати.
Главниот обвинител на кантонот Вале, каде што се наоѓа Кран-Монтана, Беатрис Пилу, изјави дека се вложени значителни ресурси „за да се идентификуваат жртвите и да се вратат нивните тела на нивните семејства што е можно поскоро“.
Пилуд рече дека не може да коментира за извештаите дека прскалките биле вклучени за да го предизвикаат пожарот.
„Истрагата е во тек. Ќе ги утврдат точните околности за тоа што се случило“, рече таа, додавајќи дека ќе се испита и дали барот ги исполнувал безбедносните стандарди и дали имал потребен број излези.
Сведоштва пристигнуваат од многу луѓе кои биле во барот во моментот на пожарот.
„Луѓето трчаа насекаде, врескаа и плачеа. Еден млад човек ми пријде и рече дека видел пекол – работи што никогаш нема да ги заборави“, рече Даниела од Милано.
Аксел Клавиер рече дека бил заробен во зградата што горела и морал да скрши прозорец за да избега. „Не можевме да видиме поради чадот“, изјави тој за АФП.
Тој забележал дека пред да избувне пожарот, келнерките носеле „шишиња шампањ со прскалки кои биле премногу блиску до таванот“.
Две Французинки кои биле во барот кога избувнал пожарот, исто така, рекле дека веруваат дека пожарот започнал кога келнерката ставила „прскалки за роденден“ на неколку шишиња шампањ.
Ема и Албан изјавија за францускиот медиум BFMTV дека „целиот таван бил во пламен“ за неколку секунди, бидејќи пламенот „почнал да се шири многу брзо“.
Властите сè уште официјално не ја објавиле причината за пожарот











