Јута воведува забрана за купување алкохолни пијалаци за лица осудени за тешки прекршоци на возење под дејство на алкохол.
Американската сојузна држава Јута повторно ги заострува прописите поврзани со алкохолот и возењето. Со нов закон, одредени возачи осудени за тешки прекршоци на возење под дејство на алкохол ќе го изгубат правото да купуваат алкохолни пијалаци.
Од 1 јануари 2026 година, сите што ќе бидат осудени за таканаречен „екстремен „DUI““ – што во Јута подразбира концентрација на алкохол во крвта од 1,6 промили или повеќе, како и комбинација на алкохол и други нелегални супстанции – ќе бидат вклучени во нова категорија лица.

Судиите ќе имаат право истата мерка, по сопствена проценка, да ја применат и на други возачи осудени за „DUI“.
Таквите возачи ќе мора да извадат нова лична карта или возачка дозвола со јасно видлива ознака „забрана за продажба на алкохол“. Продавачите и угостителите ќе бидат обврзани да ја проверуваат таа ознака при секое купување на алкохол – во продавници, барови, ресторани и на јавни настани.

Законот воведува уште една значајна новина: задолжителна проверка на идентитет за сите купувачи на алкохол, без исклучоци. Досегашната практика, според која проверката на лични документи беше опционална за лица постари од 35 години, престанува да важи.
Целта, според законодавците, е појасна и подоследна примена на прописите низ целата држава.

Поддржувачите на законот истакнуваат дека неговата цел е превенција од повторување на тешки сообраќајни прекршоци и намалување на бројот на несреќи предизвикани од алкохол, додека семејствата на жртвите од возење во пијана состојба ја гледаат оваа мерка како важен чекор кон поголема безбедност на патиштата.











