Точно 20 години по премиерата, „Bugatti“ најверојатно ќе претстави уште еден уникатен модел.
Кога пристигна пред две децении, „Veyron“ означи пресвртница во автомобилската историја. Тоа е моделот што ги промени правилата во светот на хиперавтомобилите, а сега би можел повторно да оживее. Би станувало збор за своевиден омаж, создаден како единствен примерок во рамки на програмата „Solitaire“.
Наводниот датум на претставување е 22 јануари, точно 20 години по оригиналното лансирање. Дизајнот би можел верно да го копира изворниот „Veyron“ од 2005 година, во комбинација на црвена, црна и беж боја.

Програмата по мерка на „Bugatti“, наречена „Solitaire“, привлече големо внимание минатиот септември со претставувањето на моделот „Brouillard“ со W16 мотор – уникатен хиперавтомобил инспириран од „Mistral“. Како прво возило од оваа програма, тој ја постави насоката за она што би можело да прерасне во цела серија исклучително ексклузивни модели.
„Bugatti“ веќе потврди дека програмата „Solitaire“ ќе произведува најмногу два уникатни модели годишно. Секој од нив ќе се темели на постоечки шасии и погонски склопови, што дава појасна рамка за шпекулации околу тоа како би можел да изгледа „новиот Veyron“.

Со оглед на овие ограничувања, изгледа веројатно дека основата ќе биде изведена од „Chiron“, особено затоа што овој модел може да го прифати 8.0-литарскиот W16 quadturbo мотор, способен да развие до 1.600 коњски сили.
Можно е и автомобилот да ја вклучи оригиналната платформа на „Veyron“, која би била темелно обновена и модернизирана со нови компоненти. Двата пристапи се вклопуваат во филозофијата на ексклузивност на „Bugatti“, иако речиси сигурно е дека конечниот резултат ќе носи астрономски висока цена.

Наследството на „Veyron“
„Veyron“ означи пресвртница не само за „Bugatti“, туку и за автомобилската индустрија во целина. Влезе во сериско производство во 2005 година, по години концептни најави, реализирајќи ја големата визија на Фердинанд Пиех – хиперавтомобил што ќе биде најбрз во светот, но без откажување од удобноста, доверливоста и, секако, луксузот.
Во сериското производство донесе неколку светски премиери, меѓу кои особено се истакнува фактот дека стана првиот патнички автомобил со 1.000 коњски сили и способност да надмине 400 км/ч.
Во текот на десет години производство, „Bugatti“ изработи 450 примероци во различни изведби. Иако подоцнежните модели, како „Chiron“ и новиот „Tourbillon“, ја подигнаа летвичката на перформансите уште повисоко, „Veyron“ и понатаму останува најпосебниот модел на марката.











