Македонија го одржа последниот тренинг во Скопје, Ристовски им посака среќа на репрезентативците

Дерби

05/01/2026

13:39

523

Големина на фонт

а а а

Ракометната репрезентација ова попладне го одржа последниот тренинг во Скопје пред заминувањето за Швајцарија, земја во која нашиот најсилен ракометен тим ќе влезе во завршна фаза од подготовките за Европското првенство.

Кирил Лазаров и неговите помошници го водеа завршниот тренинг во Скопје, но нашиот национален тим имаше посета и од поранешниот македонски голман и актуелен Министер за спорт, Борко Ристовски.

Во друштво на претседателот Александар Стефанов и останатите челни луѓе на ракометната Федерација, Ристовски им посака среќа на нашите најдобри ракометари, а истовремено и успех за предизвиците кои претстојат во Хернинг, град во кој ќе започнеме со возбудувањата на континенталниот собир.

Македонија ќе има тешка задача во групната фаза во која ќе ги одмери силите со Данска, Португалија и Романија, но и покрај тоа, целта на сите во тимот и Федерацијата е да се мине воведната рунда.

„Црвено-жолтите“ своите настапи во Хернинг ги започнуваат против домаќинот Данска, при што се очекува шансата за пласман во следната фаза да ја бркаат на натпреварите против Португалија и Романија.