Кој град има најмногу цркви и храмови? Рим, Ерусалим и Истанбул се наметнуваат како можни кандидати, но, ако им се верува на легендите, титулата би му припаднала на место за кое веројатно никогаш не сте слушнале: градот Ани.
Познат и како „Град на 1.001 црква“, се наоѓа на границата меѓу Турција и Ерменија, околу четириесет километри источно од турскиот град Карс. Иако не е познато кога е основан, првпат се споменува во записите на ерменските хроничари од 5 век од нашата ера, како тврдина на куќата Камсаракан, угледно благородничко семејство од партско потекло. Четири века подоцна, Ани паднал во рацете на ривалската династија Багратуни, која во 961 година го прогласила за престолнина на своето кралство.

Во текот на наредните векови, власта над Ани преминувала од една цивилизација на друга, а во 1046 година градот станал дел од Византиското Царство. Потоа го освојувале, со него владееле и го населувале Грузијците, Шададидите, Монголите и Османлиите. Разоруван од земјотреси, „Градот на 1.001 црква“ целосно бил напуштен на почетокот од 18 век, кога последните преостанати монаси одлучиле своите манастири да ги преселат на други места.
Многу од градските цркви биле подигнати во 992 година, кога врвното раководство на Ерменската апостолска црква, следејќи го примерот на династијата Багратуни, го преселило своето седиште во Ани. Како место од политичко, но и верско значење, некогашната тврдина брзо се проширила. До крајот на векот бројот на жители надминал 100.000 луѓе. Но, дали навистина имало толку многу цркви?

„ArtNet“ пишува дека називот „Град на 1.001 црква“ не треба да се сфати буквално. Најверојатно станува збор за претерување, слично како што Венеција се нарекува „Град на илјада мостови“ (а всушност има околу 400). Тоа, сепак, не значи дека вистинскиот број цркви во Ани не е импресивен. Напротив, посетителите од 17 век, кога градот веќе бил далеку од своето златно доба, оставиле сведоштва за околу 200 сакрални градби.
Денес тој број е нешто помал. Откако кон крајот на 19 век започнале археолошките ископувања, пронајдени се остатоци од нешто повеќе од 40 објекти, вклучувајќи капели и мавзолеи. Најимпресивна меѓу нив е Катедралата во Ани, изградена во 1001 година по наредба на багратунскиот крал Гагик I.

Со димензии од околу 34 на 22 метри и висина од приближно 24 метри, ја проектирал истиот архитект кој помогнал во санацијата на куполата на Аја Софија во Истанбул, откако била оштетена во земјотресот во 989 година.
Недалеку од Катедралата се наоѓа Црквата Христос Спасител, изградена во 1035 година, со куполи и аркади, од кои е зачувана само половина – и тоа, според верувањето, токму онаа што чувала делче од крстот на кој бил распнат Исус Христос.

Вреди да се спомене и Црквата на Свети Григориј, позната и како Абугамренц, куполеста дванаесетаголна капела со слепи аркади, поврзана со подземен мавзолеј. Се верува дека во тој мавзолеј се наоѓале посмртните остатоци на кнезот Григориј Пахлавуни, последниот ерменски владетел во Ани пред доаѓањето на Византијците.
Ани е импресивно сочуван, имајќи ја предвид бурната историја на локалитетот, како и долгогодишните тензии меѓу Турција и Ерменија. Низ војни, земјотреси и гранични спорови, „Градот на 1.001 црква“ опстојувал. Во 2016 година бил прогласен за светско наследство на УНЕСКО, со што неговите урнатини се зачувани за идните генерации.











