Трамп одобри нова казна за Путин? „Даде зелено светло“

Макфакс

08/01/2026

09:41

3.443

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп даде зелено светло за законски предлог за нови санкции против Русија, изјави синоќа републиканскиот сенатор Линдзи Греам, по состанокот во Белата куќа. Како што пишува Политико, Сенатот би можел да гласа за тој предлог уште следната недела.

Сенаторот од Јужна Каролина рече дека целта на санкциите ќе биде дополнително да се изврши притисок врз Москва да ја прекине војната против Украина.

Зелено светло од Белата куќа

„По многу продуктивниот состанок денес со претседателот Трамп за низа прашања, тој даде зелено светло за двопартискиот законски предлог за санкции против Русија на кој работев со месеци со сенаторот Ричард Блументал и многу други“, рече Греам во соопштението, осврнувајќи се на демократскиот сенатор од Конектикат, кој е коавтор на долго блокираниот закон, објави Политико.

Кога беше прашан за тврдењата на Греам, функционер од Белата куќа потврди дека Трамп го поддржува законодавството. Греам додаде дека гласањето во Сенатот би можело да се одржи „се надеваме уште следната недела“.

Секундарни санкции и притисок врз сојузниците на Москва

Според „Политико“, Греам и републиканското раководство во Сенатот со месеци соработуваат со Белата куќа за да постигнат договор за конечната верзија на законот. Сепак, ова не е прв пат Греам да најави непосредно гласање, по што иницијативата повторно би била заглавена во постапката.

Според предлогот, законот би вовел таканаречени секундарни санкции врз земји како Кина и Индија кои купуваат руска нафта и гас, со цел да се прекине протокот на пари што ја финансираат воената машинерија на претседателот Владимир Путин.

„Украина прави отстапки за мир, а Путин само зборува и продолжува да убива невини“, рече Греам, додавајќи дека усвојувањето на законот во овој момент би било „навремено“.

Трамп бара целосна флексибилност

Портпаролот на Линдзи Греам не одговори веднаш на прашањето дали законот ќе биде изменет на барање на Трамп. Американскиот претседател, како што нè потсетува „Политико“, претходно бараше апсолутна флексибилност кога станува збор за воведување и повлекување на санкциите, односно правото да ги активира или укине по сопствена проценка.

„Политико“ наведува дека останува нејасно дали конечната верзија на законот целосно ќе ги задоволи барањата на Белата куќа, но јасно е дека поддршката на Трамп е клучен чекор кон тоа предлогот конечно да стигне до Сенатот по месеци застој