Што може Европа да направи за да го запре Трамповиот „поход“ на Гренланд? Ова се четирите опции

Точка

08/01/2026

21:30

2.834

Големина на фонт

а а а

Ако европските влади претходно не сфатиле дека заканите на Доналд Трамп за преземање на Гренланд се сериозни, сега тоа сигурно го знаат.

Креаторите на политики повеќе не ја игнорираат заострената реторика на американскиот претседател и очајно бараат план како да го запрат.

„Мораме да бидеме подготвени за директна конфронтација со Трамп“, изјавил за Политико еден дипломат на Европската унија запознаен со актуелните разговори. „Тој е во агресивен режим и ние мора да се подготвиме“, додал тој.

„Гренланд не е на продажба и не е за преземање“

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјавил дека следната недела планира со дански претставници да разговара за американска купопродажба на Гренланд. Белата куќа порача дека преференцијата на Трамп би била преземање на територијата преку преговори, како и дека размислува за купување на островот, но и дека воено преземање останува можна опција.

Додека дипломатските напори во Европа се засилуваа, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјавил дека со колегите од Германија и Полска разговарал за заеднички европски одговор на заканите на Трамп.


„Овде станува збор за прашањето како Европа, ЕУ, може да биде зајакната за да ги одврати заканите и нападите врз својата безбедност и интереси. Гренланд не е на продажба и не е за преземање, затоа заканите мора да престанат“, рекол тој.

Политико разговарал со функционери, дипломати, експерти и инсајдери од НАТО со цел да мапира како Европа може да го одврати американскиот претседател од ваков потег и кои се нејзините опции ако тој сепак тргне по тој пат. Сите зборувале под услов на анонимност.

„Сите се целосно изненадени и всушност не знаат што сè нѝ е на располагање“, изјавил поранешен дански пратеник. „Никој всушност не знае што да направи, бидејќи Американците можат да направат што и да сакаат. Но одговори нѝ требаат веднаш. Не можеме да чекаме три, пет или седум години“, додал тој.

Во тој контекст, постојат четири можности како ЕУ може да се постави.

Да пронајде компромис

Трамп тврди дека Гренланд е клучен за американските безбедносни интереси и ја обвинува Данска дека не прави доволно за да го заштити од растечката кинеска и руска воена активност на Арктикот.

Преговарачко решение во кое Трамп од разговорите би излегол со нешто што може да го прикаже како победа, а Данска и Гренланд би си го зачувале образот, можеби е најбрзиот излез од кризата.

Поранешен висок функционер на НАТО сугерирал дека Алијансата би можела да посредува меѓу Гренланд, Данска и САД, како што тоа го правела меѓу членките Турција и Грција во нивните спорови.

Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека Трамп и неговите советници не сметаат дека Гренланд е соодветно заштитен.


„Како што мразот се топи и како што се отвораат арктичките и северните поморски рути, Гренланд станува многу сериозен безбедносен ризик за континенталниот дел на САД“, рекол тој.

Сојузниците во НАТО исто така разгледуваат нови понуди за Трамп кои би можеле да ја зајакнат безбедноста на Гренланд, и покрај широко распространетиот став дека директните закани од руски и кинески бродови кон таа територија се пренагласени.

Меѓу предлозите се забрзување на одбранбеното трошење на Арктикот, почести воени вежби во регионот, како и распоредување војници за обезбедување на Гренланд и смирување на САД, доколку биде потребно.

Алијансата, исто така, би требало да разгледа воспоставување програма „Arctic Sentry“, преместување на воени капацитети во регионот, по примерот на иницијативите „Eastern Sentry“ и „Baltic Sentry“.

„Сè што може да се направи за да се зајакне присуството на Алијансата во близина на Гренланд и да се исполнат барањата на Трамп треба да се искористи до максимум“, нагласил еден од НАТО дипломатите.

Трамп исто така вели дека го сака Гренланд поради неговите огромни минерални наоѓалишта и потенцијалните резерви на нафта и гас. Но постои причина зошто Гренланд во голема мера останува неискористен: вадењето ресурси во негостољубива средина е исклучително тешко и скапо, поради што не е конкурентно на кинескиот увоз.

Данските пратеници велат дека со години се обидувале да поттикнат инвестиции во Гренланд, но нивните европски колеги не биле заинтересирани, иако еден ЕУ дипломат запознаен со темата тврди дека тој став почнува да се менува.

Да му се дадат на Гренланд многу повеќе пари

Администрацијата на Трамп силно го поддржува гренландското движење за независност. Пораката е дека, ако арктичката територија го напушти Кралството Данска и склучи договор со САД, ќе биде преплавена со американски пари.

Иако Трамп упорно одбива да ја исклучи употребата на воена сила за преземање на Гренланд, тој исто така инсистира дека територијата доброволно треба да му биде отстапена.

Од друга страна, ЕУ и Данска се обидуваат да ги убедат Гренланѓаните дека можат да им понудат подобар договор.


Брисел планира повеќе од двојно да ја зголеми потрошувачката за Гренланд од 2028 година, во рамките на долгорочните буџетски планови изработени откако Трамп почнал да изнесува територијални барања, според нацрт-предлог на Европската комисија објавен во септември.

Според тие планови, кои сè уште се предмет на преговори меѓу земјите членки, ЕУ речиси би ги удвоила издвојувањата за Гренланд на 530 милиони евра за седумгодишниот период што започнува во 2028 година.

Тоа би било покрај средствата што Данска веќе му ги испраќа на Гренланд во рамките на договорот со самоуправната територија.

Гренланд, исто така, би можел да побара дополнителни 44 милиони евра од фондовите на ЕУ за оддалечени територии поврзани со европските држави, се наведува во истиот документ.

Данската и европската поддршка во моментов главно е насочена кон социјална заштита, здравство, образование и зелената транзиција на територијата. Според новите планови, фокусот би се проширил и на развој на способностите на островот за експлоатација на минерални ресурси.

„Имаме многу луѓе под прагот на сиромаштија, инфраструктурата во Гренланд заостанува, а нашите ресурси во најголем дел се извлекуваат без сериозна добивка за Гренланд, додека најголемата корист ја имаат данските компании“, изјавил Куно Фенкер, гренландски опозициски пратеник кој ја поддржува независноста.

Привлечна понуда од Данска и ЕУ би можела да биде доволна за да ги задржи Гренланѓаните надвор од американскиот досег.

Економска одмазда

Од првиот мандат на Трамп вложени се многу напори да се размисли како да се обезбеди европската, нордиската и арктичката безбедност без активно учество на САД, изјавил Томас Кросби, американски воен експерт од Кралскиот дански одбранбен колеџ.

„Тоа е тешко, но можно. Но не знам дали некој сериозно размислувал за обезбедување на европската безбедност од Америка. Тоа е едноставно лудо“, додал Кросби.

Сепак, ЕУ има силна политичка алатка со која би можела да го одврати Трамп – Инструментот против присила, т.н. „трговска базука“, воведен по првата администрација на Трамп, кој ѝ овозможува на ЕУ да возврати на трговска дискриминација. ЕУ се закани дека ќе ја активира по воведувањето царини од страна на Трамп кон Унијата, но во јули се откажа откако двете страни постигнаа договор.

Со оглед на тоа што САД и понатаму воведува царини за ЕУ, Брисел би можел повторно да ја извлече „базуката“.

„Нашиот извоз во Соединетите Држави изнесува нешто повеќе од 600 милијарди евра, а за околу една третина од таа стока имаме пазарен удел поголем од 50 проценти, и јасно е дека тоа е моќ што е во наши раце“, изјавил Бернд Ланге, претседател на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент.

Но Трамп би морал да поверува дека ЕУ е сериозна, со оглед на тоа што минатиот пат острата реторика не резултирала со ништо.

Војска на терен

Ако САД одлучи воено да го заземе Гренланд, Европејците тешко би можеле да направат многу за да го спречат тоа.

„Тие нема превентивно да ги нападнат Американците пред да го побараат Гренланд, бидејќи тоа би било пред самиот чин на војна. Но кога станува збор за одговор на првиот потег, тоа во голема мера зависи од ситуацијата. Ако Американците дојдат со многу мала група луѓе, може да се обиде со нивно апсење, бидејќи тоа би било кривично дело“, изјавил Кросби.

Поинакво е ако САД тргне со полна сила.

Правно гледано, можно е Данска да биде принудена воено да реагира. Според постојана наредба од 1952 година, единиците треба „веднаш да започнат борба без чекање или барање наредби во случај на напад врз данска територија“.

Европските земји би требало да ја разгледаат можноста за испраќање војници на Гренланд, ако тоа Данска го побара, за да се зголеми цената на евентуална американска воена акција, изјавил еден дипломат на ЕУ, повторувајќи ги сугестиите дека Берлин и Париз би можеле да испратат сили за одвраќање на каков било упад.

Иако тие сили веројатно не би можеле да издржат американска инвазија, би делувале како средство за одвраќање.

„Може да се создаде „трипвајер“ ефект, каде што имате групи луѓе кои физички стојат на патот, што потенцијално би ја принудило американската војска да употреби насилство или да се повлече“, објаснил Кросби.

Но таа стратегија носи висока цена, додал тој.

„Ова е целосно неистражен терен и сосема е можно во обидот да се одбие американското барање за Гренланд да бидат изгубени човечки животи“, заклучил Кросби.