Рубен Аморим издржа 14 месеци на „Олд Трафорд“ и покрај тоа што се чинеше дека ја ужива довербата од Сер Џим Ретклиф, па во период кога веќе се собраа впечатоци од отказот кој го заработи, веќе се бара човекот кој ќе го замени од крајот на сезоната, а потоа ќе се мисли на тренер кој ќе биде долгорочно решение.
Првичниот план на Јунајтед е да назначи привремен менаџер до крајот на сезоната, но кога се мисли на план на долги стази, конечната одлука ќе се донесе во летниот преоден рок.
Оле Гунар Солскјер, Дарен Флечер и Мајкл Керик се потенцијални кандидати да го водат тимот до крајот на сезоната, меѓутоа Рој Кин смета дека долгорочно решение треба да биде менаџер кој веќе насобра долго искуство во Премиер лигата, а тоа според него е Еди Хау.
– Со кого би одел јас? Јас би одел со Еди Хау во текот на летото. Навистина многу ми се допаѓа тоа што го прави во тимовите. Тој веќе изменаџира голем број натпревари во Премиер лигата, а исто така, неговите тимови играат добар фудбал.
– Многу ми се допадна тоа што го направи во Борнмут, но и тоа што сега го прави во Њукасл. Тој знае да добива критики, но мене навистина ми се допаѓа. Има изменаџирано околу 800 натпревари во кариерата, а се уште е многу млад. Ми се допаѓа неговата сталоженост и неговата смиреност, мислам дека на Јунајтед му треба нешто такво. Њукасл освои титула со него и игра во Лигата на шампиони, а стана и тим кој е навистина тешко да се победи, – порача Рој Кин.







