Минатогодишниот лидер во одбраната на Барса: Лапорта нема доволно пари за да ме плати

Дерби

09/01/2026

13:56

1.136

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот Суперкуп ќе донесе уште една „Ел Класико“ пресметка во завршницата во Саудиска Арабија, откако двата тима изборија победи во своите полуфинални пресметки со Атлетик Билбао, односно Атлетико Мадрид.

Во реприза на минатогодишните финалиња, Барселона ќе брка одбрана на титулата во неделното финале во Џеда, додека Реал Мадрид ќе брка првата титула под водство на Чаби Алонсо, тренер кој го наследи Карло Анчелоти по крајот на минатата сезона.

Реал го доби првото „Ел Класико“ оваа сезона и спречи една непријатна серија од пет порази во низа, а дел од таа низа беше Ињиго Мартинез, фудбалер кој сега го најави големото финале со изјава која привлече големо внимание.

Искусниот стопер беше лидер во одбраната на Барселона минатата сезона, па во интервјуто за каталонското радио „3cat“ доби хипотетичко прашање за потенцијално враќање во клубот.

– Невозможно е да се вратам во Барселона, Лапорта нема доволно пари за да го плати она што го добивам тука, – низ смеа изјави Мартинез, алудирајќи на богатиот договор кој го има во Ал Наср.

Како своевиден домаќин во Саудиска Арабија, Мартинез им даде поддршка на поранешните соиграчи во полуфиналето, а сега очекува и победа во финалето со Реал, иако нема да биде во можност да се најде на стадионот.

– Нема да можам да бидам дел од финалето, играме наредниот ден и ќе бидеме собрани со тимот. Суперкуп финалето може да биде клучно за вториот дел од сезоната. Минатата сезона ни даде ветер во грб за завршницата, сметам дека Барселона е во подобра форма од Реал и игра со голема самодоверба. Очекувам да уживаме, да не страдаме толку и Барселона да извојува победа, – посочи Ињиго.