Поранешниот член на младинскиот тим на Челзи , Ламиша Мусонда, се наоѓа во животна опасност. Братот на некогашниот голем белгиски талент Чарли сподели на „Instagram“ дека му преостанале уште само неколку дена живот.
Ламиша Мусонда (33) објави на социјалните мрежи дека му останале само неколку дена. Поранешниот фудбалер на Челзи пристигна во Лондон од Андерлехт заедно со своите браќа Тика и Чарли во 2012 година. Во кариерата настапуваше како централен играч за врска за младинските тимови на Челзи , Андерлехт, како и за белгискиот прволигаш Мехелен. За младата репрезентација на Белгија одигра 10 натпревари, а од 2020 година е во фудбалска пензија.
Сите тројца браќа се веќе пензионирани, а најуспешна кариера имаше Чарли, кој настапуваше за Челзи , Селтик, Леванте, Витезе, Бетис, како и за Анортозис, каде што ја заврши кариерата на крајот од минатата сезона. Неговиот брат Ламиша минува низ најтешките животни моменти, а одлучи својата состојба јавно да ја сподели со следбениците на „Instagram“. Ова е негова прва објава на социјалните мрежи по март 2024 година.
„Животот има толку многу подеми и падови и никој навистина не знае со каква болка се соочуваш. За мене ова беа две тешки и исцрпувачки години. Со жалење морам да ве известам дека се борам да го вратам моето здравје во нормала, поради што не можев да бидам активен на социјалните мрежи. Морав да се соочам со фактот дека моето здравје е во критична состојба и сега се борам само да останам жив. Моето семејство и јас се бориме и нема да се откажам сè додека не дојде моментот за мојот последен здив.
Во втора, понова објава, тој прецизираше дека му останале уште само неколку дена живот, но не откри од која болест боледува.
„Како што сфаќам дека ми остануваат само неколку дена, така сфаќам и дека имав многу луѓе покрај себе и секогаш ќе ги чувам тие спомени. Животот е тежок, но истовремено и прекрасен“.
Во подоцнежни објави, Мусонда му се заблагодари на Бог и напомена дека не е совршено суштество. Истакна дека е благодарен за сè што му овозможиле фудбалот и образованието за време на неговото растење.










