Македонија е на чекор до усвојување на најстрогиот закон за заштита од пушење досега, кој би означил историски пресврт во националната здравствена политика.
Нацрт-законот предвидува радикални и сеопфатни промени што суштински ќе го променат секојдневието на пушачите, како и начинот на функционирање на угостителскиот и трговскиот сектор. Министерството за здравство посочува дека основната цел на овие мерки е да се запре натамошното нарушување на јавното здравје и да се обезбеди поголема заштита за децата и младите.
Една од клучните новини се однесува на угостителството, каде што се планира целосно укинување на пушењето во сите затворени простори, без исклучок – од ресторани и кафулиња до барови и традиционални меани. Како дополнување, се воведува таканареченото правило на три отворени страни за терасите. Според ова правило, пушењето ќе биде дозволено само на тераси кои се целосно отворени од најмалку три страни, со што практично се укинува долгогодишната практика на нивно затворање и застаклување во текот на зимските месеци.

Законот за првпат ги опфаќа и приватните простори кога станува збор за заштита на малолетните лица. Предвидена е строга забрана за пушење во автомобил доколку во него се наоѓа дете. Истовремено, списокот на забранети локации се проширува и на повеќе отворени јавни простори, меѓу кои се автобуските и железничките станици, пазарите и сите места со зголемена концентрација на луѓе.

Новите законски решенија не прават разлика меѓу класичните тутунски производи и современите алтернативи. Истите ограничувања ќе важат и за електронските цигари и за вејп-уредите. Особено ригорозна е мерката што предвидува целосна забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со додадени ароми и вкусови – сегмент кој, според здравствените власти, е најпривлечен за младата популација.

Значајни промени се најавуваат и за трговците. Законот предвидува апсолутна забрана за јавно и визуелно изложување на цигарите во маркетите и киосците. Тутунските производи повеќе нема да смеат да бидат поставени на видливи места, туку ќе мора целосно да се сокријат од погледот на потрошувачите. Со тоа, секоја форма на директно или индиректно рекламирање практично се укинува.

Зад ваквиот закон стојат алармантните податоци според кои околу 4.000 граѓани годишно во Македонија умираат од заболувања поврзани со пушењето. Со повеќе од 45 проценти пушачи меѓу возрасната популација, земјата се соочува со сериозна здравствена криза што, според надлежните, бара итни и строги мерки. Предлог-законот наскоро ќе биде објавен на платформата ЕНЕР, каде што се очекува интензивна јавна расправа меѓу институциите, деловната заедница и граѓаните.
На оваа тема за кратко време се појавија голем број на реакции во јавноста, а истата предизвика голема расправа и помеѓу твитерџиите.
Фото: 4NEWS.mk















