Европа има нов крал на четири тркала: Ова е автомобил на годината и апсолутно ја „растури“ конкуренцијата

Точка

12/01/2026

20:04

749

Големина на фонт

а а а

Европскиот автомобилски пазар доби нов шампион. На Саемот на автомобили во Брисел, престижната титула „Европски автомобил на годината“ му припадна на моделот „Mercedes CLA“, кој убедливо ги надмина сите ривали во финалето и ја потврди доминацијата на германскиот бренд.

Одлуката ја донесоа 59 членови на жирито за наградата „Автомобил на годината“, а гласањето се одржа во препознатлив евровизиски стил. Резултатот беше повеќе од јасен. „Mercedes CLA“ освои вкупно 320 поени, дури сто повеќе од второпласираниот модел – разлика што ретко се гледа во овој избор. "CLA" беше најдобро оценет во 12 од вкупно 23 земји-учеснички.

Зад победникот се пласираше „Škoda Elroq“ со 220 поени, додека третото место го зазеде „Kia EV4“ со 208 поени. Во тесна борба следуваа „Citroën C5 Aircross“ со 207 поени и „Fiat Grande Panda“ со 200. Листата на финалисти ја затвораат „Dacia Bigster“ со 170 и „Renault 4“ со 150 освоени поени.

Со оваа победа „Mercedes CLA“ ја презема круната од „Renault 5 E-Tech“, кој минатата година ја понесе титулата најдоб


ар автомобил во Европа. За „Mercedes-Benz“, ова е само втор пат во 62-годишната историја на наградата да го освои првото место. Последен пат германскиот производител славеше уште далечната 1974 година, со моделот „Mercedes-Benz 450 SE/SEL“.

"CLA" веќе сега се опишува како еден од најважните модели во историјата на брендот и како „најпаметниот автомобил што "Mercedes" некогаш го направил“. Особено се истакнува неговиот концепт, бидејќи за прв пат обединува целосно електрични и хибридни погони во рамки на дизајн кој изгледа класично и препознатливо "мерцедесовски".


Под каросеријата се крие сосема нова технолошка стратегија. Основата на понудата ја сочинува верзијата "CLA 250+", која развива 272 коњски сили и има погон на задните тркала. Енергијата ја обезбедува батерија со капацитет од 85 kWh, а декларираниот досег изнесува до 792 километри според „WLTP“ стандардот – што е една од клучните причини зошто жирито му даде ваква убедлива предност на овој модел.

Победата на „Mercedes CLA“ јасно покажува во кој правец се движи европскиот пазар, но и колку технологијата, досегот и балансот меѓу дизајнот и иновациите станаа пресудни во борбата за титулата автомобил на годината.