Сѐ поголем број од младите го набавуваат „iPhone 4“ којшто бил пуштен во продажба во 2010 година.
На овој чекор се одлучуваат поради камерата. Имено, на социјалните мрежи моментално е популарно да се објавуваат фотографии со полош квалитет.
„iPhone 4 e новиот дигитален фотоапарат“, „Ваквите фотографии се најдобри“, „Мојот Инстаграм профил сега изгледа совршено“, се само дел од коментарите.

Овој мобилен во користена или нова состојба во САД се продава и за 1000 долари на страниците за препродажба затоа што бројот на носталгични купувачи се зголемува. Секако, на некои од страниците значајно е поевтин и може да се набави и за 30 долари.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека користењето на старите мобилни телефони може да претставува сериозен ризик. Ли Елиот од компанијата „Compare and Recycle“ ги предупредил корисниците да не внесуваат било какви лични податоци во уредот, што подразбира и пријавување во некоја апликација.
Постарите модели не се приспособени на заштита на корисниците од собирање податоци и немаат софтвер за користење на многу ажурирани апликации.

„Последната верзија на iOS која iPhone 4 ја поддржува е iOS 7.1.2, верзија објавена во 2014 година. Тоа е повеќе од деценија без ажурирање или безбедносни поправки. Поради тоа iPhone 4 нема да може да заштити никакви лични податоци на начинот на којшто тоа го прават помодерните iPhone телефони, оставајќи ги корисниците изложени на проблеми како протекување на податоци, хакирање и други безбедносни пропусти“, изјавил тој за „NYP“.