Унгарските искуства за „Безбеден град“ и миграциите во фокус на посетата на Тошковски

Макфакс

16/01/2026

13:54

151

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на покана на министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики.

Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици. Министерот Пинтер го истакна значајниот и конкретен придонес што Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.

„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната имплементација на системот „Безбеден град“ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики.’, истакна министерот Тошковски.

Во делот на борбата против трговијата со дрога, беа презентирани законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните нарко мрежи и зајакнувањето на превенцијата.

Во рамки на посетата беше потпишана Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства. Воедно, беше упатена покана унгарскиот центар да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа, формирана на иницијатива на нашето МВР.

Министерот Тошковски оствари и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, на која беа разменети искуства за институционалната поставеност, оперативните модели и пристапите во сузбивањето на најсериозните форми на организиран криминал. Дополнително, беше реализирана и средба со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, со фокус на системот за управување со кризи, меѓуинституционалната координација и практичните искуства во справувањето со катастрофи.

„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива.’, потенцираше министерот Тошковски.