Повеќето живописни крајбрежни места во Европа се претворија во дестинации преполни со сувенирници и туристички ресторани наредени еден до друг, без рибари на повидок што ги развлекуваат мрежите.
Но, ако се најдете во Шпанија, поточно на нејзиниот север, можете да го истражите малото Кудиљеро, кое како временска машина ве враќа во поромантични времиња.
Се смета дека потекнува уште од средниот век и се гордее со богата поморска историја. Со векови живеело од рибарството, а таа поврзаност со морето се чувствува на секој чекор – од ресторани со свежи морски плодови покрај брегот, до рибата што се суши по тесните, кривулести улички и рибарските чамци што се нишаат на брановите во пристаништето. Сушењето риба некогаш било еден од главните начини за конзервирање на храната, особено во рибарските места, а таму таа традиција се задржала до ден-денес.

Кудиљеро ќе ве воодушеви и со шарените куќи прилепени до карпите и со спектакуларниот поглед кон морето. Познат е по своите видиковци расфрлани по околните ридови.

Најпознат е Мирадор де ла Гарита, од каде се пружа прекрасен поглед на шарените куќи и пристаништето. Искачувањето може да биде напорно, но погледот вреди секој направен чекор. Капелата Селгас на ридот исто така повикува на прошетка, како и шеталиштето покрај брегот во „златниот час“ и зајдисонцето.

Од уживање во свежи морски плодови во локалните ресторани до истражување живописни пешачки патеки, Кудиљеро е одлично место за патници кои бараат автентичен дел од шпанскиот крајбрежен живот. Гратчето се гордее со богата гастрономија што го слави најдоброто од астуриската кујна – било морските плодови или фабада – чорба од бел грав со разни видови месо (најчесто чоризо, крвавица морсиља и свинско месо), која се вари бавно додека да стане кремаста и полна со вкус.
Плажите на Кудиљеро
Местото е окружено со неколку прекрасни плажи, а една од најпопуларните е Плаја де Сан Педро, омилена меѓу локалното население. За време на осека, оваа плажа открива широк појас златен песок, а благите бранови ја прават безбедно и пријатно место за капење.

Кудиљеро е и домаќин на различни културни настани – во текот на годината се одржуваат фестивали посветени на морето и регионалната кујна. Традиционалната музика, танцот и пијалаците како сидра се неизоставен дел од дружењата.

Сидра е традиционален астуриски јаболков напиток (сајдер-јаболковина) – суво, благ алкохолен пијалак од ферментирани јаболка, кој се точи на посебен начин, во тенок млаз од висина, за да се проветри и да се истакне неговата свежина. При точење, шишето се држи високо над главата, а во чашата се налева само мала голтка, кој веднаш се испива. Астуриската сидра не е слатка – најчесто е сува, киселкаста и свежа, со слаби или без никакви меурчиња.
Срцето на Кудиљеро
Пристаништето, сместено околу Пласа де ла Марина, е живото срце на Кудиљеро. Тука секојдневно пристигнуваат рибарски чамци со свеж улов, создавајќи жива, но исклучително шармантна атмосфера. Покрај кејот има пријатни тераси, идеални за кафе или чаша сидра.

Пристаништето воедно е и сцена на бројни фестивали и настани во текот на годината.
Иако Кудиљеро повеќе не е тајна и често се споменува како едно од најубавите села или гратчиња во Шпанија, сепак е далеку од типична туристичка замка.

















