[ВИДЕО] На Алкараз и Сабаленка на Австралија опен им ја забранија специјалната нараквица: „Одлуката е смешна, податоците не се стероиди“

Точка

26/01/2026

21:00

947

Големина на фонт

а а а

На терените на Мелбурн Парк изби неочекувана контроверзија за време на Австралија опен, откако на одредени тенисери и тенисерки им беше забрането да ја носат паметната „Whoop“ нараквица – уред што го следи физичкото оптоварување, закрепнување и квалитетот на сонот.

Светските броеви еден, Карлос Алкараз и Арина Сабаленка, се обидоа да играат мечеви со оваа нараквица, но во двата случаи судиите побараа да ја отстранат пред почетокот на мечевите.

Забраната предизвика дополнителна конфузија бидејќи, според зборовите на Вил Ахмед, извршниот директор и основач на компанијата „Whoop“, оваа технологија е одобрена од Меѓународната тениска федерација (ITF), која ги надгледува сите четири Гренд слем турнири.

„Одлуката на турнирот е смешна. Whoop е одобрен од ITF за користење за време на мечевите и не претставува никаков безбедносен ризик. Дозволете им на спортистите да го мерат сопственото тело – податоците не се стероиди!“, истакна Ахмед.

Алкараз по мечот потврди дека морал да се придржува до правилата на турнирот.

⛔ Sabalenka y Alcaraz, obligados a quitarse la pulsera Whoop en Melbourne.

Posted by MARCA on Monday, January 26, 2026

„Тоа се правилата на ITF и не можам да играм со тоа. Тоа се работи што ти помагаат подетално да се грижиш за закрепнувањето, одморот и оптоварувањето на тренинзите. Не можев да играм со нараквицата, ја извадив и продолжив понатаму“, изјави шпанскиот тенисер.

Според информациите до кои дошол шпанскиот весник „Marca“, Женската тениска асоцијација дозволува користење на „Whoop“ нараквицата, поради што Сабаленка излегла на терен со нараквицата во првото коло, не знаејќи дека правилата на Австралија опен тоа не го дозволуваат.

Оваа ситуација отвори нови прашања за неусогласените правила и употребата на модерната технологија во врвниот спорт, а јасно е дека за оваа тема ќе се дискутира и по завршувањето на првиот Гренд слем во сезоната.