Исланд моментално е најбрзо растечката туристичка дестинација во Европа, покажува најновиот извештај „World Tourism Barometer“ што го објавува „UN Tourism“.
Според податоците од изданието на почетокот на 2026 година, Бразил и Египет бележат двоцифрен раст на бројот на меѓународни пристигнувања во текот на 2025 година.

Во последните години речиси и да нема човек што не познава некого кој отпатувал во Јапонија и ги споделил своите впечатоци на социјалните мрежи. Овој впечаток го потврдуваат и официјалните податоци, бидејќи Јапонија се вброи меѓу најбрзо растечките туристички дестинации во светот.
Според извештајот на „UN Tourism“, Јапонија во периодот до ноември 2025 година забележала раст на меѓународните пристигнувања од 17 отсто во однос на претходната година.

Силен раст забележал и Бразил, со зголемување од дури 37 отсто на годишно ниво, додека Египет остварил раст од 20 отсто.
Бразил дополнително ги привлекол туристите благодарение на бројни фестивали и концерти, а традиционалниот карневал во февруари и понатаму собира посетители од целиот свет. Во текот на 2025 година, Рио де Жанеиро ја носел титулата Светска престолнина на книгата под покровителство на УНЕСКО, додека бесплатниот концерт на Лејди Гага на плажата Копакабана дополнително го зголемил интересот на меѓународната публика.

Египет повторно дојде во фокусот на патниците по постепеното отворање на Големиот египетски музеј во октомври 2024 година, а неговото официјално отворање во ноември 2025 ја зацврсти позицијата на земјата на листата на најпосакувани дестинации.
Кога станува збор за Европа, Исланд забележал најголем раст на бројот на меѓународни пристигнувања – дури 29 отсто.

Зголемената активност на поларната светлина во текот на 2025 година, како резултат на достигнувањето на соларниот максимум кон крајот на 2024 година, поттикнал голем број туристи да ја посетат оваа земја.
Дополнителен поттик е и најавеното целосно затемнување на Сонцето во август, кое делови од Исланд ќе ги внесе во темнина речиси две минути, па се очекува интересот да продолжи да расте и следната година.

Меѓу дестинациите кои во текот на целата година бележеле раст се и Мароко, со зголемување на пристигнувањата од 14 отсто, како и Сејшели, со раст од 13 отсто. Податоците заклучно со ноември покажуваат дека Бутан забележал раст од 30 отсто, Гвајана 24 отсто, додека Јужна Африка остварила зголемување од 19 отсто.
Вкупно, во текот на 2025 година биле регистрирани околу 1,52 милијарди меѓународни туристи.
Европа и понатаму е водечки светски туристички регион, со вкупно 793 милиони посетители.
Во извештајот се наведува дека побарувачката за патувања во текот на 2025 година останала стабилна и покрај растот на цените на туристичките услуги и геополитичките предизвици, иако кон крајот на годината било забележано благо забавување.














