[ВИДЕО] Поранешниот принц Ендру се исели од резиденцијата во Виндзор

Макфакс

04/02/2026

09:45

2.079

Големина на фонт

а а а

Под товарот на новите откритија во случајот со осудениот педофил Џефри Епстин, поранешниот принц Ендру го напушти својот луксузен дом во Виндзор и се пресели во кралскиот имот Сандрингам во источна Англија, објави Би-би-си.

Поранешниот принц наводно вчера ја напуштил кралската резиденција „Ројал Лоџ“, објави Би-би-си, додека АФП објави дека Бакингемската палата одбила да ја потврди информацијата.

Би-би-си објави дека Ендру привремено престојува во објект на имотот Сандрингам додека се реновира неговиот нов дом.

На братот на кралот Чарлс III му беше наредено да ја напушти луксузната вила каде што живеел повеќе од две децении со неговата поранешна сопруга Сара Фергусон во октомври, откако му беа одземени кралските титули поради пријателството со Џефри Епстин.

Притисокот врз Ендру Маунтбатен-Виндзор се засили во последните денови откако се појави во нови документи за Епстин објавени од Министерството за правда на САД во петокот.

Меѓу новите компромитирачки документи се и фотографии од него како клечи над жена, како и е-пошта со која Епстин е поканет во Бакингемската палата на „приватен“ состанок.

Британскиот премиер Кир Стармер реагираше на откритијата, велејќи дека поранешниот принц треба да сведочи пред американскиот Конгрес за злосторствата на покојниот педофил.

Вирџинија Џуфре, жртва на Епстин, тврдеше дека била принудена да има сексуални односи со Ендру три пати. Тој ѝ платил мултимилионска отштета во 2022 година, но не се изјаснил за виновен.

Друга жртва на Џефри Епстин преку својот адвокат изјави дека американскиот педофил ја испратил во Велика Британија во 2010 година за да има сексуални односи со Ендру во неговата резиденција „Ројал Лоџ“, во близина на замокот Виндзор.

Портпаролот на британската локална полиција во вторник вечерта изјави дека тие „ќе ги истражат овие информации“, но дека ниту жената ниту нејзиниот адвокат не контактирале со полицијата