Ченинг Тејтум имал хируршка интервенција поради таканаречено „раздвоено рамо“. Имено, американскиот актер сподели фотографија од болничкиот кревет, непосредно пред да биде опериран. На црно-белата фотографија, ѕвездата на филмот „Магичниот Мајк“ (Magic Mike) лежи облечен во болничка наметка и капа.
„Само уште еден ден. Уште еден предизвик. Овој ќе биде тежок. Но, нема врска. Ајде да го поминеме“, напиша тој покрај фотографијата.

Под објавата, поддршка му даде и неговата девојка, манекенката Инка Вилијамс, која напиша: „Голем лош волку (емоџи со срце), ќе го пребродиме ова“.

Подоцна, Тејтум преку инстаграм-приказна објасни што точно се случило. Во првата објава сподели рендгенска снимка од горниот дел на раката и рамото, на која јасно се гледа дека две коски се одвоени.
„Раздвоено рамо“, кратко напиша тој.

Во следната објава, по операцијата, сподели нова рендгенска снимка на која се гледа голем штраф што ги држи коските заедно.
„Зашрафено рамо. Јееј“, иронично напиша актерот.

Тејтум не откри како точно дошло до повредата, но познато е дека често сам изведува каскадерски сцени во своите филмови.
Инаку, уште во септември минатата година, актерот во интервју за „Варајети“ изјави дека се повредил за време на снимањето на филмот „Одмаздници: судниот ден“ (Avengers: Doomsday), кој треба да излезе во декември 2026 година. Според медиумот, Тејтум на интервјуто се појавил со видливо проблематично одење, а неговиот дублер морал да преземе дел од физички потешките сцени.
Тој тогаш најави дека ќе мора да помине низ интензивна физикална терапија поради повредата на ногата.









