[ВИДЕО] „Дали денес е во тренд да изгледаш како бездомник?“: Бизарна јакна од 800 евра распродадена за 24 часа!

Точка

07/02/2026

18:39

561

Големина на фонт

а а а

Модната куќа „Balenciaga“ уште еднаш успеа да предизвика бура реакции благодарение на „бизарно“ модно парче, како што го опишаа многумина. Овојпат, во фокусот е јакна што изгледа истрошено, изабено и искинато, а се продава по цена од околу 805 евра.

И покрај бројните критики, првата серија од овој модел e распродадена за само 24 часа, откако беше пуштена во продажба на почетокот на ноември минатата година. Ваквиот потег веднаш поттикна расправа на социјалните мрежи, каде што корисниците се прашуваат во кој правец се движи современата мода и дали луксузот сè уште има јасно значење.

Јакната го носи името „Destroyed“ и е изработена од материјал кој намерно е оштетен за да остави впечаток на запуштеност и пропаѓање. Снимките од ова парче облека брзо се проширија на интернет и дополнително ги поттикнаа коментарите и полемиките.


„Balenciaga“ и претходно беше позната по провокативни дизајнерски решенија, од чанти што личат на кеси до накит налик на обична самолеплива лента.

Реакциите на интернет беа бурни и поделени. Додека едни ја критикуваа идејата, други ја искористија за шега. Некои иронично коментираа дека облеката е „земена од бездомник и препродадена по луксузна цена“, додека други се прашуваа „дали јакната е извадена од контејнер“.

„Каде е логото? Ако нема јасно истакнат бренд, луѓето би можеле да помислат дека сум ја купил на попуст. А јас сакам да знаат дека потрошив 805 евра“, се пошегува еден корисник.

Многумина се обидоа да објаснат кои се луѓето што купуваат вакви парчиња, делејќи ги во две групи. Според нив, првата група ја сочинуваат оние за кои модата е симбол на престиж. Тие сакаат да покажат дека ги разбираат авангардните трендови, дека припаѓаат на ексклузивен круг и дека располагаат со пари за вакви „бизарни“ парчиња. Во таа смисла, високата цена, ограничената достапност и провокативниот изглед заедно испраќаат порака за статус.


Втората група ја сочинуваат купувачи кои сè гледаат низ призма на иронија и забава. За нив, јакната е повеќе коментар за современото општество отколку класично парче облека.

Одредени корисници пронајдоа и инспирација за сопствени „направи сам“ идеи. Еден коментар го предлага следново – да се купи косилка за околу 350 евра, обичен дуксер за 8 евра, намерно да се оштети и потоа да се продаде за 805 евра.

„За уште животни совети, следете нè“, додаде тој.

На крајот, еден коментар ја сумираше целата расправа со прашањето што многумина го повторија – дали денес навистина е во тренд да изгледаш како бездомник?