[ВИДЕО] Мексико се претвора во воена зона по убиството на најбараниот наркобос Ел Менча: „Вакво нешто не паметиме, можеме само да се молиме“

Макфакс

23/02/2026

13:33

2.474

Големина на фонт

а а а

Туристи останаа заробени во Мексико и очајнички се обидуваат да се вратат дома откако низ земјата избувна насилство по убиството на еден од најозлогласените наркобосови.

По вчерашното убиство на водачот на картелот „Халиско Нова генерација“, Немесио Осегера Сервантес, познат како Ел Менчо, вооружени напаѓачи започнале бран насилство во неколку мексикански градови.

Жителите на Гвадалахара, град кој летово треба да биде домаќин на четири натпревари од Светското фудбалско првенство, се затвориле во своите домови, а на туристите им било советувано да побараат засолниште, да избегнуваат гужви и да го ограничат движењето, пишува Дејли мејл.

Американци заглавени во хаосот

Бранoт насилство се проширил по западниот брег, а напади се регистрирани и во Баја Калифорнија, во близина на американската граница. Пукање избило и на меѓународниот аеродром во Гвадалахара.

Американската туристка Кејти Холоман изјавила на Фејсбук дека ѝ било кажано да остане во хотел бидејќи обидот да стигне до аеродромот е премногу опасен.

„Патот го блокира картел. Нема летови за САД. Го префрливме летот за утре попладне и навистина се надеваме дека ќе успееме да заминеме. Можам само да се молам дека утре ќе стигнеме дома. Ова е незапаметено, персоналот на хотелот вели дека вакво нешто никогаш досега не се случило“, рекла таа.

Друг турист, Ден Смит од околината на Палм Спрингс, објавил видео на кое трча по скали додека во позадина се слушаат аларми.

„Нè евакуираат од зградата, експлодираа боци со пропан. Се надеваме дека зградата нема да се запали“, изјавил тој.

Неговиот брат Ричард објавил снимки од запален автобус и други возила кои ги блокираат патиштата во Пуерто Ваљарта.

„Ве молам, мислете на мојот брат Даниел. Пуерто Ваљарта е под опсада. Заглавен е во центарот, а сите влезови и излези од градот се затворени. Не може да се врати дома. За среќа, има пријател кај кого може да остане“, напишал тој.

Турист од Сан Диего, Џејмс Стивенс, објавил снимки од запалена продавница „Костко“, наведувајќи дека целиот град е блокиран.

„Заглавен сум во Пуерто Ваљарта, картелот се обидува да го преземе градот. Целиот град е блокиран. Не можам да излезам. Лудо, нели? На безбедно сме“, рекол тој.

Предупредувања од амбасадите

Локалните медиуми известуваат за опасни активности на картелите и во сојузните држави Баја Калифорнија, Гуанахуато, Мичоакан, Гереро, Најарит и Колима.

Амбасадата на САД во Мексико ги повикала Американците да побараат безбедно засолниште, а слични совети издаде и британското Министерство за надворешни работи.

Во предупредувањето се наведува дека властите во Пуерто Ваљарта издале јавен апел граѓаните да останат во затворен простор, дека пристапните патишта до аеродромите може да бидат блокирани и дека треба да се следат насоките на локалните власти и да се избегнуваат непотребни патувања.

Убиството на најбараниот наркобос

Наркобосот (59) бил убиен во заедничка операција на мексиканската војска и американски сили во Тапалпа, град со околу 20.000 жители во планините Сиера Мадре.

Тој бил опкружен со лојалисти вооружени со ракетни фрлачи со термичко наведување. Сервантес, еден од најбараните бегалци во САД, бил убиен за време на обид за апсење, откако неговите следбеници се судриле со мексиканските сили.

Мексиканското Министерство за одбрана соопшти дека во операцијата, поддржана од воздушни и специјални сили, биле убиени четворица членови на криминалната група и ранети тројца, меѓу кои и водачот, кој подоцна починал при транспорт со хеликоптер во Мексико Сити.

Во акцијата биле повредени тројца војници, а две лица се уапсени. На местото биле запленети и ракетни фрлачи.