Извршниот директор на американскиот „Џеј-Пи Морган“ и еден од најугледните светски банкари, Џејми Димон, предупреди дека финансиската состојба во светот сè повеќе наликува на ситуацијата непосредно пред финансиската криза во 2008 година.
Според Џејми Димон, моменталната состојба во финансиската индустрија не е охрабрувачка. Банкарот забележува сличности со периодот пред финансиската криза во 2008 година, кога масовното кредитирање заврши со катастрофа.
„За жал, ова го видовме во 2005, 2006 и 2007 година, повеќе или помалку истото – растечка плима што ги крева сите бродови, сите заработуваат многу пари“, изјавил Димон за време на состанок со инвеститори во понеделникот.
Тој исто така напоменал дека многу банки сега се подготвени да одобруваат поризични кредити со цел да го зголемат нето-приходот од камати.

„Гледам луѓе како прават глупави работи. Прават глупости за да создадат нето-приход од кредити“, рекол Димон, кој го водел „Џеј-Пи Морган Чејс & Ко.“ за време на најтешката финансиска криза во последните години.
Димон не прецизирал на кои институции мисли и ги уверил инвеститорите дека неговата банка, најголема во земјата е прилично претпазлива, нагласувајќи дека се придржуваат до правилата.
Тој верува дека кредитниот циклус повторно ќе се влоши. Меѓутоа, не прецизирал кога би можело да се случи тоа.
Димон исто така признал дека вештачката интелигенција во последно време е главна тема на загриженост на пазарите. Инвеститорите се загрижени за нејзиното влијание врз нивната состојба. Сепак, тој истакнал дека и понатаму е уверен во иднината на својата банка.