Сексуалноста не е одвоена од мозокот, напротив, токму мозокот е нејзиниот главен „диригент“. Психолозите често велат дека мозокот е најмоќниот полов орган, а тоа го потврдува и новиот концепт наречен невросексуалност – пристап што го проучува односот меѓу мозочната функција и сексуалниот одговор, пишува „Е-клиника“.
Либидото, односно сексуалната желба, функционира онака како што „наложува“ мозокот. Возбудата, сексуалните фантазии, ерекцијата и оргазмот се резултат на координирана активност на различни делови од централниот нервен систем.
Кој дел од мозокот ја „контролира“ сексуалноста?

Хипоталамусот, како центар за регулирање на хормоните, има клучна улога во сексуалната желба, лубрикацијата и ерекцијата. Амигдалата учествува во обработката на емоции како задоволство и привлечност. Орбитофронталниот кортекс, поврзан со донесување одлуки, е вклучен во иницирањето на сексуалната активност. Малиот мозок ги координира моторните реакции, а париеталните режњеви ги обработуваат сетилните информации.
Кога овие структури се засегнати – било поради повреда, болест или психичко нарушување – може да дојде до сексуална дисфункција.
Невролошки нарушувања и промени во либидото
Невролошките заболувања како деменција, епилепсија, мозочен удар, амиотрофична латерална склероза и трауматски повреди на мозокот можат да доведат до значајни промени во сексуалното однесување.
Најчесто се јавува хипосексуалност – намалена сексуална желба и либидо. Луѓето можат да имаат тешкотии со возбудата, фантазиите или постигнувањето оргазам. Чести се и еректилна дисфункција, нарушена слика за телото, депресија и намалена мотивација.
Но понекогаш се случува и спротивното: хиперсексуалност. Во тие случаи, лицето може да има зголемена сексуална желба, компулсивно однесување или неконтролирана потреба за приближување кон други лица заради еротско задоволство. Семејствата често сведочат дека „не го препознаваат“ пациентот – како да станал друга личност.

Дали мозочните лезии автоматски значат и сексуални проблеми?
Иако постои силна поврзаност меѓу мозочните оштетувања и сексуалните тешкотии, експертите предупредуваат дека не треба автоматски да се извлекуваат заклучоци. Сексуалното здравје е дел од целокупното здравје и треба да се третира во рамки на рехабилитацијата – исто како мобилноста, когнитивните функции, емоциите и социјалното функционирање.
Истражувањата покажуваат дека лицата со невролошки нарушувања често имаат прашања и грижи во врска со својот сексуален живот, но ретко добиваат соодветна поддршка.
Потребен е проактивен и мултидисциплинарен пристап

Стручњаците нагласуваат дека здравствените работници треба отворено да ги адресираат овие теми и да создадат безбедна средина во која пациентите ќе можат да зборуваат за своите грижи. Потребно е да се намали стигмата поврзана со сексуалните проблеми и да се понуди сеопфатен третман.
Тоа подразбира не само фармаколошки или хормонални интервенции, туку и психотерапија, релациона и бихевиорална терапија, како и работа со партнерот.
Сексуалноста не е „луксуз“, туку составен дел од човековото здравје и идентитет. Кога мозокот е засегнат, интимниот живот може да се промени, но со соодветна поддршка и разбирање, можни се подобрувања и враќање на квалитетот на животот.













