Судскиот лекар утврдил дека 16-годишниот Џереми Веб починал од алергија на месо предизвикана од убод од крлеж. Неговата смрт во 2022 година е прв таков забележан случај во Австралија и само втор познат во светот, откако сличен смртен исход бил регистриран во САД во 2024 година, пишува "The Guardian".
Една јунска ноќ во 2022 година, 16-годишниот Џереми Веб кампувал со пријатели на Централниот брег во Нов Јужен Велс. Откако изел говедски колбаси, почнал да повраќа. Наскоро останал без здив, па истрчал од кампот и затропал на прозорецот од блиска камп-приколка, молејќи ги патниците да повикаат итна помош. Набргу потоа се срушил. Пријателите се обидувале да го реанимираат до пристигнувањето на брзата помош во 23:26 часот. Починал во болница нешто повеќе од еден час подоцна.

Истрагата го откри вистинскиот причинител
Смртта на Џереми првично била припишана на астма. Но, судско-медицинската истрага, покрената на инсистирање на неговите родители кои сакале да ја подигнат јавната свест, открила дека алергиската реакција на месо, поттикната од убод од крлеж, предизвикала смртоносен напад на астма.
Во наодите објавени во четвртокот, заменик-државниот судски лекар Кармел Форбс навела: „Џереми починал како последица на анафилаксија поради алергија на месо од цицачи по убод од крлеж, што предизвикало акутно влошување на астмата.“
Професорката Шерил ван Нунен, клинички имунолог и алерголог, прва ја откри врската меѓу убодот од крлеж и развојот на алергија на месо од цицачи, што подоцна било потврдено од истражувачи на сите шест континенти каде што живеат крлежи. Според неа, познат е само уште еден смртен случај во светот: 47-годишен пилот од Њу Џерси кој починал во 2024 година. „Џереми беше првиот во светот“, изјавила Ван Нунен.
Алергенот одговорен за реакцијата е алфа-гал, шеќерна молекула присутна во плунката и цревата на крлежите, како и во месото на многу цицачи, како говедско, јагнешко, свинско и дивеч. По два или повеќе убоди од крлеж, приближно секоја втора личност ќе развие антитела на алфа-гал. Кога таа личност ќе консумира месо, се ослободува алфа-гал и се активира алергиска реакција. „Ова е алергија на 21. век“, изјавила Ван Нунен, додавајќи дека е во пораст поради еколошките промени.

Одложени симптоми и сериозност на реакцијата
Симптомите обично се јавуваат три до шест часа по консумирањето месо, колку што е потребно храната да се свари и да се ослободи алфа-гал. Тие можат да варираат од дигестивни тегоби, осип и оток, па сè до анафилаксија. Најчести се симптоми слични на синдром на иритабилно црево. Алергијата може да ја предизвикаат и други производи од животинско потекло, како млеко и желатин.
Според извештајот на судскиот лекар, сериозноста на реакцијата може да зависи и од видот на месниот производ. „Алфа-гал е присутен во повисоки концентрации во изнутриците, па оброк што ги содржи, како колбаси во животинско црево, може да предизвика потешка реакција.“
Пропуштена можност за дијагноза
Џереми имал повеќе убоди од крлежи откако неговото семејство се преселило на имот опкружен со густа вегетација. Кога на десетгодишна возраст почнал да покажува реакции на црвено месо, семејството се посомневало на алергија на месо од цицачи предизвикана од убоди од крлеж. Сепак, како што стои во извештајот, „Џереми, неговото семејство и неговиот матичен лекар не биле свесни дека неговата алергија носи ризик од животозагрозувачка анафилаксија“.
Во извештајот се наведуваат и претходни епизоди на болест, вклучително и случај кога поради тешки респираторни проблеми бил итно пренесен во болница. Тогаш му бил дијагностициран напад на астма, од која Џереми страдал цел живот. Но, во отпусното писмо анафилаксијата не била спомената како можна дијагноза, што Ван Нунен го нарекува „пропуштена можност“, со оглед на наглиот и тежок почеток на симптомите и добрата реакција на адреналин, што е карактеристично за анафилаксија, а не само за астма.
Ван Нунен нагласила дека астмата е фактор на ризик за смрт од анафилаксија предизвикана од храна и дека 85 проценти од таквите смртни случаи се случуваат токму кога анафилаксијата ќе поттикне напад на астма.












