[ВИДЕО] Тестирал земање мултивитамини еден месец, па ги објавил резултатите пред и потоа

Точка

01/03/2026

12:45

2.403

Големина на фонт

а а а

Еден Јутјубер одлучил да спроведе 30-дневен експеримент за да провери дали мултивитамините имаат вистински ефект и дали можат да донесат долгорочна здравствена корист. Додатоците во исхраната на многумина им служат за надоместување на нутритивни недостатоци, но прашањето е дали навистина вредат за парите и трудот.

Мултивитамините, најчесто во форма на таблети, се осмислени за да обезбедат доволен внес на клучни хранливи материи и да го поддржат општото здравје. Ги земаат лица со одредени прехранбени ограничувања, постари лица кај кои е намалена апсорпцијата на нутриенти, како и оние со зголемени потреби за витамини и минерали. Дел од корисниците веруваат дека можат да го зајакнат имунитетот, да придонесат за здравјето на коските и да помогнат во обновата на кожата.

Креаторот на содржини познат под името Tech Workplace раскажа дека во последно време се чувствувал исцрпено и забележал темни подочници и сува кожа на темето. Се посомневал на недостаток на витамини и одлучил еден месец да зема мултивитамини за да види дали ќе забележи разлика.

Прв ден: Без поголеми промени

По првата таблета не почувствувал значајна промена. Иако споменал дека „разликите можат да се почувствуваат во рок од неколку часа или еден ден“, експертите предупредуваат дека за видливи ефекти често се потребни недели, а понекогаш и до три месеци.

Во видеото нагласи и дека сите клучни витамини можат да се внесат со урамнотежена исхрана и дека додатоците првенствено се наменети за лица со потврден недостаток.

Осми ден: Повеќе енергија

По една недела ги забележал првите разлики. „Би сакал физичките промени да се повидливи. Сè уште имам подочници, но чувствувам повеќе енергија, што е одлично“, рече тој.

Крвните анализи му покажале недостаток на витамин Д и Б6, што го поврзал со својата веганска исхрана. „Се надевам дека нивото ќе се зголеми и дека ќе почнам да се чувствувам уште подобро во следните неколку дена“, додаде.

Дваесетти ден: Енергијата во пораст

Околу дваесеттиот ден истакнал дека забележува јасен пораст на енергијата. „Во последно време навистина уживам во вежбањето. Бев неколкупати на качување и беше одлично“, рече.

Споменал и одредени физички подобрувања, иако во текот на експериментот не забележал големи визуелни промени.


Триесетти ден: Помалку првут, но подочниците останале

На крајот ги споредил фотографиите „пред и потоа“ и заклучил дека нема поголеми видливи разлики. „Брадата ми порасна малку, но физички не гледам голема промена. Сè уште имам подочници. Но, првутот на темето целосно исчезна“, откри тој.

Пojaсни дека покрај мултивитамините земал и додатоци на омега-3 масни киселини и смета дека токму таа комбинација помогнала во решавањето на проблемот со скалпот.

Иако забележал значителен пораст на енергијата, останал претпазлив. „Не можам со сигурност да кажам дека тоа е исклучиво поради мултивитамините, но искрено имам многу повеќе енергија за секојдневно вежбање“. На крајот порачал дека планира да продолжи со земање мултивитамини токму поради зголеменото ниво на енергија.