Црна Гора е позиционирана како ексклузивна туристичка дестинација која привлекува милиони посетители годишно. Инвестициите во луксузни хотели, подобрата воздушна поврзаност и промоцијата на автентични искуства ја прават еден од најбрзорастечките туристички пазари во Европа.
Со само 620.000 жители, Црна Гора сè повеќе се позиционира како луксузна дестинација и сериозен конкурент на Шпанија и Хрватска.
Земјата се одлучи за туристички модел базиран на квалитет, а не на масовност, што веќе покажува резултати, а годишно ја посетуваат околу 2,5 милиони туристи.

„Сакаме да бидеме препознаени како висококвалитетна дестинација, со врвни услуги и сместување“, изјавила министерката за туризам Симонида Кордиќ во интервју за „Еуроњуз“.
Таа истакнува дека Црна Гора има речиси недопрена природа, идеална за активен туризам и автентични искуства.
Туризмот сочинува околу една четвртина од бруто-домашниот производ на земјата и претставува еден од клучните столбови на економијата. За земја која е осма најмала во Европа, бројот од 2,5 милиони посетители годишно се смета за извонреден успех.
Луксузни хотели и посилна воздушна поврзаност
Реномираните светски хотелски синџири како што се Хилтон, Хајат, Мелија, Радисон и Иберостар инвестираа во црногорскиот брег, особено во ексклузивни области како што се Порто Монтенегро и Бока Которска.
Денес, во земјата работат околу 500 хотели, вклучувајќи растечки број на објекти со пет ѕвезди и бутик хотели насочени кон попребирливи гости.

Во исто време, се подобрува и воздушната пристапност. Црна Гора е поврзана со директни летови до повеќе од 130 дестинации преку два меѓународни аеродроми, околу 60 линии водат до Тиват и околу 70 до главниот град Подгорица. Меѓу гостите има сè повеќе туристи од Западна Европа, но и од САД, Кина и Израел.
Средба на Истокот и Западот
Сместена на раскрсницата на цивилизациите, Црна Гора се граничи со Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Албанија. Оваа позиција остави силен белег во архитектурата, гастрономијата и традицијата.
Благодарение на малата површина, можно е да појадувате во планините и да го поминете попладнето на плажата на Јадранското Море во еден ден.
„Црна Гора нуди извонредна разновидност на природни и културни содржини, многу поголема отколку што би се очекувало од земја од оваа големина“, нагласува Кордиќ.
Природна убавина и историско наследство
Земјата има пет национални паркови. Најголем меѓу нив е Националниот парк Дурмитор, кој е под заштита на УНЕСКО и привлекува илјадници планинари од цела Европа. Во негова близина се наоѓа кањонот Тара, втор најдлабок во светот по Големиот кањон во Колорадо.
Еден од најважните религиозни симболи е манастирот Острог, изграден во 17 век на стрмна карпа, кој е важно место за поклонение.

На брегот, кој е долг речиси 300 километри, се издвојуваат Будва, позната по својата богата историја и жив ноќен живот, и Улцињ со својата Голема плажа долга 13 километри.
Котор, средновековен град под заштита на УНЕСКО, е препознатлив по своите ѕидини и единствена атмосфера, додека Цетиње е историски главен град и седиште на претседателот на земјата.
Амбиции кон Европа
Црна Гора го користи еврото како официјална валута, иако не е членка на Европската Унија, и ги продолжува преговорите за пристапување, со амбиција да стане членка во 2028 година.

Во време кога туристите бараат автентични, одржливи и различни дестинации, Црна Гора се појавува како сериозна алтернатива, а комбинацијата од драматични планини, сончев брег, богата историја и јасна стратегија за развој ја прави едно од најинтересните туристички откритија во Европа.















