[ВИДЕО] Науката открива: Ова е најтажната филмска сцена во историјата

Точка

03/03/2026

15:39

547

Големина на фонт

а а а

Публиката отсекогаш ги сакала филмовите што предизвикуваат силни емоции, без разлика дали станува збор за сцени како онаа во која Метју Меконахи се крши додека ги гледа пораките од ќерка му во „Interstellar“ или Форест Гамп на гробот на Џени. Но, научниците се обиделе да утврдат која сцена е објективно најтажна во историјата на филмот.

Експерти од Универзитетот Беркли спроведоа студија „Emotion Elicitation Using Films“ со цел да измерат кои сцени најсилно ги поттикнуваат емоциите. Во истражувањето речиси 500 учесници гледале исечоци од повеќе од 250 филмови.

Според резултатите од студијата, најтажната сцена доаѓа од спортската драма „The Champ“ од 1979 година, во која глумат Џон Војт и Феј Данавеј, додека детската улога ја оствари Рики Шродер. Станува збор за завршницата на филмот во која ликот на Војт, боксерски шампион, умира од последиците на повредите по мечот, додека неговиот мал син очајнички се обидува да го разбуди.

Токму тој момент кај учесниците во истражувањето најдоследно и најсилно предизвикувал чувство на тага. Филмот е боксерска драма чија емотивна кулминација доаѓа во односот меѓу таткото и синот, пренесува „Far Out Magazine“.

На второто место меѓу најтажните сцени се најде смртта на мајката на Бамби од анимираниот класик на „Disney“ од 1942 година. Таа сцена, во која младото срнче ја повикува својата мајка, со децении важи за една од најпотресните во историјата на анимацијата.

Иако за многумина токму таа сцена останала синоним за детска траума на големото платно, според научниците сепак не го зазела првото место. Резултатите покажале дека сцената од „The Champ“ предизвикала посилна и подоследна реакција на тага. Иако истражувањето понуди научен одговор, доживувањето на тагата во филмот и натаму останува субјективно.