Американскиот актер од серијата „Better Call Saul“ откри дека работи како доставувач за Амазон: „Искрено, ужасно е“

Точка

04/03/2026

19:53

325

Големина на фонт

а а а

Американскиот актер Џон Кристијан Лав, кого публиката го памети по улогата на Ернест „Ерни“ во популарната серија „Better Call Saul“ (Подобро јавете му се на Сал), моментално работи како доставувач за Амазон.

Имено, оваа изненадувачка промена во кариерата 35-годишникот ја открил минатиот месец преку Редит, во група наменета за вработени во оваа компанија.

„Да знаете, актерот кој го толкуваше Ернест, односно Ерни во серијата ’Better Call Saul‘, сега е со вас и доставува пакети“, напишал Лав покрај фотографија на која позира во униформа на Амазон, во комбе полно со пратки.

Тој не го криел незадоволството од новата работа.

„Искрено, ужасно е“, порачал, додавајќи: „Но одам испорака по испорака. Ви посакувам среќа на сите“.


На прашањето на еден корисник дали улогата во хит-серијата не му отворила врата за продолжување на успешната актерска кариера, Лав објаснил дека не се откажал од глумата, туку дека станува збор за пауза.

„Не се откажав, само моментално поминувам низ подолга пауза. Серијата на АМЦ не беше пресвртница каква што се надевав“, објаснил тој.

Открил и дека работел на филмот „Lone Wolf“ со Лили Гладстон и Брајан Кренстон, но проектот никогаш не бил довршен поради финансиски проблеми.

„Снимив важен филм, но продукцијата остана без пари и никогаш не го добив хонорарот“, навел тој.


Снимањето на филмот било прекинато во февруари минатата година, а Кренстон претходно изјавил дека нема да учествува во понатамошната работа ниту во промоцијата сè додека сите членови на екипата не бидат целосно исплатени.

Лав повеќепати нагласил колку тешко му паѓа работата во Амазон. Истакнал дека е уморен од чекање можности во индустријата за забава и дека планира да започне сопствени проекти, но дека во меѓувреме мора да заработува за живот.

„Доста ми е од чекањето некој да ми даде шанса, затоа ќе почнам да работам на своите идеи. Сепак, морам да имам и друга работа бидејќи оваа навистина ме исцрпува“, напишал тој.


Тој ја споредил сегашната работа со претходните работни ангажмани што ги имал.

„Бев поштар, возев за ФедЕкс и работев сезонски за УПС. Сите тие работи беа тешки, но беа подобри од оваа. Овде рутата се менува секој ден, комбињата се во лоша состојба, нема вистинска работна култура ниту бенефиции, а работниците постојано се менуваат“, објаснил тој.

На крајот испратил и поддршка до другите: „Се надевам дека секој ќе има можност да работи она што го сака и дека никој нема да дозволи да стане роб на работното време од девет до пет“.


Потсетуваме, Лав во серијата „Better Call Saul“, која се емитувала од 2015 до 2022 година, го толкувал пријателот на Џими Мекгил, лик што го толкувал Боб Оденкирк. Оваа серија, како претпродолжение на „Breaking Bad“, беше номинирана за 53 награди Еми, но не освои ниту една.

Претходно, Лав глумел американски фудбалер во 13 епизоди од серијата „Friday Night Lights“, а се појавил и во филмовите „Whiskey Tango Foxtrot“ и „Independence Day: Resurgence“ од 2016 година.