Иранската државна телевизија, позната како „Глас на Исламската Република Иран“, објави вест за изборот на Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер, наведувајќи дека тој е „ранет во војната“, пренесува агенцијата „Фокус“.
Водителите на државната телевизија во своите извештаи го опишуваат како личност која била ранета од страна на непријателот за време на војната „Рамадан“, како што иранските медиуми го нарекуваат актуелниот конфликт. За неговата здравствена состојба, меѓутоа, не беа соопштени дополнителни детали.
Таткото на Моџтаба Хамнеи, ајатолах Али Хамнеи, како и неговата сопруга, загинаа во израелски воздушен напад врз Техеран на 28 февруари, на самиот почеток на војната.

Оттогаш Моџтаба Хамнеи не се појавуваше во јавноста. За нов врховен лидер на Иран беше прогласен синоќа, по гласањето на исламските верски лидери – ајатоласите во Советот на експерти, пишува „Vesti.bg“.
Според наводите на тоа тело, една од клучните причини за неговиот избор била изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој синот на Али Хамнеи го нарекол „неприфатлив“.

Моџтаба Хамнеи важи за личност која има добри врски со иранската војска, но фактот дека го наследува својот татко на највисоката функција во државата за многумина потсетува на монархиски систем, против кој Исламската револуција во Иран во 1979 година и била насочена.
Се очекува Моџтаба Хамнеи денес да ѝ се обрати на нацијата како нов врховен лидер, но засега не се појавил јавно.









