Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда објави дека секоја арапска или европска земја што ќе ги протера израелските и американските амбасадори од својата територија ќе добие неограничен премин низ Ормускиот теснец почнувајќи од денес.
Според иранската државна телевизија ИРИБ, Исламската револуционерна гарда изјави дека овие земји ќе имаат „целосно право и слобода“ да минуваат низ стратешкиот морски премин доколку ги прекинат дипломатските односи и со Израел и со САД.

Ормускиот теснец, широк околу 34 километри, е еден од најважните енергетски коридори во светот. Речиси една петтина од глобалните залихи на нафта минуваат низ него, што го прави клучно и исклучително ризично тесно грло за светските пазари.

Војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга страна веќе ги зголеми цените на нафтата од две главни причини: речиси целосното затворање на Ормускиот теснец и забавувањето на производството на нафта на Блискиот Исток.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави за Си-би-ес Њуз дека неговата администрација размислува да ја преземе контролата врз Ормускиот теснец. Трамп рече дека Ормутскиот теснец моментално е отворен, но дека Белата куќа сè уште „размислува да го преземе“ и дека би можела да направи „многу работи“.








