Романскиот бренд „Dacia“, кој со моделот „Sandero“ ја освои Европа во 2025 година, се подготвува да го лансира својот најголем автомобил во историјата под името „Striker“. Овој модел, долг 4,62 метри, претставува комбинација од робустен караван и SUV, а неговата цел е да внесе сериозна конкуренција меѓу поскапите ривали. Со најавена почетна цена од околу 25.000 евра, „Striker“ станува сериозна закана за сите мејнстрим производители во C-SUV сегментот.
Поголем од „Bigster“, но без трет ред седишта
Иако „Striker“ е подолг од досегашниот рекордер „Bigster“ за 5 сантиметри и од „Duster“ за дури 28 сантиметри, тој нема да има верзија со седум седишта. Инженерите објаснуваат дека прилагодувањето на платформата за трет ред седишта би ја зголемило цената на автомобилот, што би било спротивно на филозофијата на брендот. Наместо тоа, фокусот е ставен на максимална удобност за патниците и огромен багажник кој ќе ги задоволи потребите на секое семејство.

Мотори на плин и хибриден погон како главни адути
„Dacia“ останува верна на проверените решенија, па „Striker“ ќе нуди комбинација од бензински, хибридни и „LPG“ (течен нафтен гас) мотори. Основната понуда ќе ја сочинува 1.2 турбо-бензински мотор со 140 коњски сили, додека најмоќната верзија ќе биде 1.8 хибрид со 156 коњски сили и автоматски менувач. За љубителите на теренско возење ќе бидат достапни и посилни верзии со „4×4“ погон, додека максималната брзина кај сите модели е електронски ограничена на 180 km/h.

Ентериер што го следи „здравиот разум“
Внатрешноста на новиот „Striker“ ќе биде фокусирана на функционалност, слично на она што веќе го видовме кај новиот „Duster“. Тоа подразбира издржливи материјали, повисока позиција на седење и дигитална опрема која не го одвлекува вниманието со непотребни опции. Покрај овој модел, „Dacia“ до 2030 година планира и четири електрични возила, од кои првиот градски модел ќе чини помалку од 18.000 евра, со што брендот продолжува да ја зацврстува својата доминација во сегментот на достапни автомобили.














