Во Љубљана почнаа пробните возења на таканаречениот батериски трамвај, за чие движење не се потребни ниту шини ниту електрични водови, известува „N1 Slovenija“.
Батерискиот „трамвај“, односно „BRT“ („bus rapid transit“ – брз автобуски превоз), го имаше првото пробно возење во понеделникот. Од гаражата на Љубљанскиот патнички сообраќај („LPP“) во Шишка се упати до постојката кај стоковната куќа „Nama“ на Словенечка улица. Откако возачот премина на другиот крај на „трамвајот“, возилото тргна назад кон Шишка и се врати во гаражата, пишува „N1 Slovenija“.
Возилото пристигна во Љубљана на едномесечно тестирање, кое засега се одвива без патници. Како што претходно најави директорот на „LPP“, Рок Вихар, по неколку недели ќе можат да го испробаат и граѓаните.

Возилото го произведува кинеската компанија „CRRC“, а Љубљана е првиот град во Европската Унија што го тестира нејзиното возило „BRT“.
Капацитетот на овој „трамвај“ е околу 250 патници, а во иднина ќе има можност и за делумно автономно возење. Возилата на „CRRC“ веќе се користат во градскиот патнички сообраќај во Кина, како и во Турција и во Обединетите Арапски Емирати.

Шинските возила на „CRRC“ се присутни и во Србија. Во возниот парк на „Србијавоз“ има пет брзи возови „Tiger“, кои сообраќаат меѓу Белград и Суботица, а наскоро се очекува и испорака на девет возови за новата градска железничка линија до комплексот „EXPO 2027“.
Приближната цена на едно вакво возило „BRT“ изнесува нешто повеќе од два милиона евра, што е околу два и пол пати повеќе од цената на електричен автобус на „LPP“.

Пред Љубљана да може да ги набави овие возила, ќе треба да се измени подзаконскиот акт што во моментов дозволува сообраќање автобуси со должина до 18 метри.
Според процените што минатата недела ги изнесоа од „LPP“, батериските трамваи би можеле да почнат редовно да сообраќаат по улиците на Љубљана за приближно три години.










