ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ НА РАБОТ НА БЛОКАДА: Иран поставува мини, Трамп се закани со „смрт, оган и бес“

Точка

10/03/2026

23:16

525

Големина на фонт

а а а

Ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран влегува во нова опасна фаза. Вашингтон објави снимки од напади врз ирански бродови, додека се појавија информации дека Техеран поставува морски мини во Ормускиот теснец – една од најважните светски нафтени рути.

Војната меѓу САД и Израел против Иран влезе во 11. ден, а тензиите дополнително растат по информациите дека Иран започнал со поставување морски мини во Ормускиот теснец – клучен премин низ кој поминува значителен дел од светската нафта.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот може „многу брзо“ да заврши, но предупреди дека САД ќе одговорат со „смрт, оган и бес“ доколку Иран се обиде да го блокира теснецот.

Во меѓувреме, Министерството за одбрана на САД објави карта на нападите извршени во првите десет дена од конфликтот. Графиката прикажува цели во Иран и нивната позиција во однос на американските воени бази и иранската противвоздушна одбрана.


Централната команда на САД исто така објави снимки од напади врз ирански бродови, со цел да се ослаби способноста на Техеран да дејствува на море.

Во политичката офанзива се приклучи и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој директно им се обрати на граѓаните на Иран. Тој порача дека Израел и САД „ги удираат тиранините во Техеран посилно од кога било“ и дека наскоро ќе се создадат услови иранскиот народ „сам да ја преземе својата судбина“.

По изјавите од Вашингтон, цената на нафтата на светските пазари се намали на под 90 долари за барел, откако претходно достигна речиси 120 долари – знак дека пазарите внимателно ја следат ситуацијата околу Ормускиот теснец.

Доколку дојде до негова блокада, експертите предупредуваат дека тоа би можело да предизвика сериозен удар врз глобалното снабдување со нафта и нов бран економски потреси.