Зошто поправките на автомобилите се толку скапи? Имаат 4.000 делови повеќе отколку пред 10 години

Точка

11/03/2026

19:22

422

Големина на фонт

а а а

Модерните автомобили стануваат неверојатно сложени, а најновиот извештај на компанијата „Solera“ открива зачудувачки податоци. Просечниот автомобил произведен во 2022 година има дури 12.757 делови, што е драстично зголемување во однос на 2012 година кога имал „само“ 8.360.

Овој скок од повеќе од 52 проценти е директна последица од вградувањето на нови технологии, сензори и безбедносни системи. Секој модерен автомобил денес практично е „компјутер на тркала“, а тоа значително го продолжува времето што механичарот мора да го помине под хаубата.

Поради огромниот број компоненти, поправките кои некогаш биле рутински денес траат со денови. Колку повеќе делови има во системот, толку повеќе работа има околу расклопување, замена и неопходно повторно калибрирање на чувствителната електроника.


Браникот некогаш се менуваше за неколку часа, а денес?

Најдобар пример за оваа промена е замената на предниот браник, која во 2004 година барала околу шест часа работа. Денес, поради интегрираните радари, камери и системите за асистенција во возењето „ADAS“, истата операција може да трае и до 32 часа.

Главната причина за толку долгата работа е тоа што сензорите бараат прецизно нагодување по секое демонтирање. Секојпат кога се менува браникот, целиот систем на сензори мора да помине низ строги процедури за калибрација за автомобилот повторно да биде безбеден за пат.


Резервните делови поскапи за четвртина

Покрај работните часови, значително се зголемија и цените на самите компоненти, кои во последните четири години поскапеа за 25 проценти. Најголем раст бележат предните светла, кои само во 2025 година поскапеа за 13 проценти во однос на претходната година.

Модерните „LED“ и „Matrix LED“ светла не се само обични сијалици, туку сложени електронски модули кои чинат вистинско богатство. Слична е ситуацијата и со вратите на багажникот, кои денес често се електрични и поврзани со сензори за движење, па дури и мало удирање на паркинг може да се претвори во сериозен финансиски трошок.