Африм Гаши, претседателот на Собранието, денеска ја започна комеморативната седница за најголемата трагедија која ѝ се случи на Македонија, а во која животот го загубија 63 луѓе.
Седницата се одржа по речиси една година од трагедијата која ја зацрни Македонија, особено градот Кочани.
Гаши се обрати пред пратениците, премиерот, претседателката на државата, како и родителите на загинатите во пожарот.

„Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат оставајќи спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Постојат утра што будат надеж, но има и мрачни утра што ја гасат надежта и предизвикуваат само болка. Такво утро беше 16 март 2025 година. Ноќ која започна со забава, а заврши со плач, рани и болка што длабоко продреа во срцето на целата држава. Таа ноќ Кочани и Македонија изгубија дел од својата иднина. Таа ноќ заедно со животите на 63 млади луѓе, со себе ги однесе и соништата и плановите што штотуку почнаа да се градат. Дури и по една година тешко е да се изберат, а уште потешко е да се изговорат зборови. Тие секогаш изгледаат недоволни за да го изразат она што човек го чувствува. Јавниот збор е должност, но тој никогаш досега не бил толку тежок.
Може да се направат грешки во политиката, но важно е таа да не се претвори во грев.
Трагедии како оваа покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема отколку што замислуваме, а правдата е поважна отколку што очекуваме. Правдата не треба да биде ниту пребрза ниту задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството“.

Гаши зборувал за огромната загуба на општеството и посочил дека меѓу оние кои ги изгубивме имало уметници што со години ја осветлуваат македонската сцена, но и фудбалери и многу други чии потенцијали за жал никогаш нема да ги дознаеме.
„Песната на ДНК „Ако утре ме нема“ денес добива поинакво значење. За некои од оние што пееја – утрешниот ден навистина не дојде. За другите дојде – но без оние што ја пееја. Споменот на жртвите од Кочани треба секогаш да живее во нас, кога родител ќе го прегрне своето дете, кога институција ќе постапува одговорно, кога професионалец ќе си ја врши својата работа.. Тоа е најсоодветниот начин да им одадеме почит“, порача Гаши.

По завршувањето на комеморацијата, родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани го изразија своето незадоволство. Нивното незадоволство од институциите е видно, па како што велат, не ги ни спомнале со име нивните деца кои загинаа.
„Една година чекавме да се организира коемморација, за да дојдат со два лист апрочитани да се правдаат. Очекувавме барем со име и презиме по две минути да се одвојат за секое дете. Разочарување, срамота“.
ФОТО: „Слободен печат“
















