Јаневска нема да го повлече законот за високо образование: Бараат повлекување од страв дека нема да можат да ги исполнат условите

Макфакс

13/03/2026

12:22

158

Големина на фонт

а а а

Работната група која го подготвува новиот закон за високо образование ќе се сретне уште еднаш, а потоа за кратко време ќе биде пуштен во владина постапка. Министерката за образование Весна Јаневска не размислува за повлекување на законот и негова доработка, како што побара група професори. На оние кои бараат повлекување на законот им порача дека имаат две можности.

„Мала група професори бараат повлекување на законот. Претпоставувам дека тоа е од страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите кои законот ги бара. Имаат две можности. Како научници, како академски граѓани, како луѓе со крајно високо ниво на свесност, ќе имаат одговорност да создаваат стручен кадар, но и одговорен граѓанин. Значи, првата можност им е сериозно да се фатат за работа. Втората можност е да останат во истото звање подолго време, па потоа, кога ќе бидат спремни, да одат во следното звање. Од тука ништо не губат, туку со одредено темпо, побрзо или побавно, ќе стигнат до целта. Бидејќи таа група е многу мала, бидејќи законот им дава можност, не мислам дека на толку голем труд, едногодишна работа на многу луѓе со најдобра намера за подобрување на квалитетот во образованието, би требало да одиме чекор наназад и да го направиме она што тие го бараат“, рече министерката Јаневска.

Многу од забелешките кои беа добиени за законот и за кои се сметало дека се конструктивни се прифатени и веќе се внесуваат во текстот на законот. Дел од забелешките, како оние за отчетноста на универзитетите кон државата или ингеренциите на националниот совет, работната група смета дека се неоправдани.

„Бројни корекции се направени. Искрено се надевам дека сите ќе бидат задоволни“, рече министерката Јаневска.

Законот за високо образование се менува со цел да се подобри и да ги донесе македонските универзитети на Шангајската листа. Освен група професори, повлекување на законот побара и опозицијата, која го оцени како тоталитарен.