Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за три кривични дела поврзани со трагичниот настан во скопската населба Карпош, кога Ивана Јовановска скокна од шести кат заедно со своето малолетно дете.
Како што соопшти Обвинителството, нејзиниот сопруг се товари за телесна повреда сторена како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста, како и за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.
Според обвинението, кобниот ден, на 2 март во Скопје обвинетиот на повеќе локации физички ја нападнал својата сопруга, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа во еден момент и изгубила свест. Истиот ден, на паркинг зад Основниот кривичен суд Скопје, ѝ упатил и сериозни закани дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што кај неа предизвикал чувство на несигурност и страв.
Обвинителството наведува дека обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која била во положба на фактичка и егзистенцијална зависност од него. Во ноември 2022 година таа му го отстапила својот идеален дел од станот во кој живееле со нивната малолетна ќерка, но по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал со психичко и физичко малтретирање.

„Согласно обезбедените докази, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која спрема него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот. Обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира“, велат од Обвинителството.
Во текот на 2025 година, според обвинението, интензитетот на малтретирањето прераснал во сурово и нечовечко постапување, при што обвинетиот често ја тепал и омаловажувал во нивниот дом, на јавни места и пред сведоци, заканувајќи се дека ќе ја избрка од домот и ќе ѝ го одземе детето.
На денот на трагедијата, по ново психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, жената се вратила во станот со детето и побарала сама да се качи за да се спакува и да замине. Обвинетиот инсистирал да се качи со неа, продолжувајќи со закани, по што сведок го оттурнал и го извел пред зградата за да ја почекаат.

Но, според обвинителството, малтретирањето ја довело жената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и чувство на безизлезност, по што таа извршила самоубиство скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилнички кривични дела.
















