По неколку неизвесни и напнати денови, исполнети со одложувања и неизвесност, Теодора од Скопје конечно се врати дома од Дубаи. Нејзиното патување, кое требало да биде семеен одмор исполнет со убави спомени, се претворило во вистинска авантура откако дури три лета биле одложени поради актуелната ситуација во регионот.
Теодора во Дубаи престојувала заедно со својот сопруг и нивните две мали деца, а враќањето дома станало вистински предизвик. По неколку дена неизвесност и постојани промени во распоредот на летовите, семејството на крај успеало да се врати во Скопје со евакуациски лет организиран од Македонија.
Инаку, Теодора по професија е UI/UX дизајнер и оваа светска метропола често ја посетува, но овој пат патувањето добило сосема поинаков тек од планираното. Веднаш по враќањето дома, таа на својот Инстаграм профил го сподели искуството и моментите низ кои поминале, опишувајќи ги деновите исполнети со неизвесност, но и огромното олеснување кога конечно стапнале на македонско тло.

„Доме, слатки доме. Ќе ми требаат барем два дена да се одморам од одморот“, напиша Теа на социјалната мрежа Инстаграм, па додаде:
„Се надевам дека ситуацијата брзо ќе се среди и дека Дубаи ќе се врати во нормала затоа што навистина ова што се случува не го заслужува. Иако целата ситуација беше навистина добро исконтролирана и организирана од страна на Емиратите, сепак не е баш пријатно да си таму, особено кога си со деца. Имаше мерки на претпазливост и ограничување на движењето. А, со две мали деца да бидеш затворен во хотелска соба без играчки е вистински предизвик.
Играта се сведуваше на пластични шишиња, шутирање влечки и три пати ѕвонење на ‘emergency’ од страна на Дарин“.

Таа додава дека луѓето различно ја доживувале целата ситуација. Додека едни, како што вели, ширеле паника и негативна енергија, други останале смирени и имале доверба во системот и безбедносните мерки што биле преземени.
Теодора открива дека за време на престојот внимателно ги следела и медиумските извештаи, при што забележала и многу неточни информации кои се пласирале во јавноста. Особено, како што посочува, се шпекулирало за трошоците што наводно ги имале туристите кои биле принудени да го продолжат престојот поради одложените летови.

Според неа, дел од тие информации не ја одразувале реалната состојба, па токму затоа решила јавно да го сподели своето искуство и од прва рака да објасни како навистина изгледале деновите на неизвесност во Дубаи.
„Информациите дека Дубаи ги покрива трошоците за престој не се точни. Сѐ си плаќавме сами“, објаснува Теа.
Единствено правило било хотелите да им го продолжат сместувањето по истата или пониска цена и да не можат да ја отстапат собата на други гости. Само туристите кои немале финансиска можност да останат таму можеле да добијат помош преку посебна процедура во амбасада или туристички центар.

„Најважно е што сите се вративме безбедни“, напишала Теа и додала дека се надева дека ситуацијата наскоро ќе се смири и дека животот во Дубаи повторно ќе продолжи како претходно.
















