Глечерите на австриските Алпи не само што се намалуваат, туку поради климатските промени се дезинтегрираат и се распаѓаат, предупредија научниците во најновата студија, пренесе Би-би-си.
Според истражувањето на Австрискиот алпски клуб, глечерите „продолжуваат драстично да се намалуваат по должина, површина и обем“.
„Многу од нив не само што се скратуваат, туку сè повеќе влегуваат и во фаза на структурно распаѓање“, изјавил научникот од Универзитетот во Грац, Андреас Келер-Пирклбауер.
Австрискиот алпски клуб во својот годишен извештај посочи дека во текот на минатата година се намалиле 94 од 96 глечери што ги мереле во Австрија.

Во извештајот, исто така, се наведува дека најпогодени глечери во овој период биле Алпајнер Фернер во Тирол, кој се намалил за 114,3 метри и Штубахер Зонбликес во покраината Салцбург, кој се скратил за 103,9 метри.
Исто така се додава дека најголемиот австриски глечер, Пастерце во Корушка, продолжува да се намалува и дека е многу веројатно во наредните години да се распадне на два дела. Во извештајот се истакнува дека и овој тренд повторно е последица на климатските промени.
„За тоа минатата година придонесе топлата зима со малку снег и исклучително топлиот почеток на летото, при што јуни беше за речиси 5 Целзиусови степени потопол од просекот“, се додава во студијата.
Како што се наведува, температурите на станиците на големи надморски височини биле за 2 Целзиусови степени над долгорочниот годишен просек. Еден од авторите на извештајот, Герхард Либ, предупредил дека временските услови во последните години биле исклучително неповолни за глечерите.

„Многу глечери сега губат толку многу маса што едвај реагираат на периоди на краткотрајно заладување, како што беше она забележано во јули 2025 година“, рекол тој. Научниците посочиле дека климатските промени се особено очигледни во алпскиот регион.
„Алпската инфраструктура е сè повеќе загрозена и како што глечерите исчезнуваат, пејзажот минува низ длабоки промени“, се наведува во извештајот.
Потпретседателката на Австрискиот алпски клуб, Никол Слупецки, рекла дека климатските промени одамна се реалност на Алпите и дека последиците се гледаат токму сега. „Веќе не станува збор за тоа дали уште можеме да ги спасиме глечерите во нивната сегашна состојба, туку за тоа да ги ублажиме последиците врз самите нас“, нагласила таа.








