Иранскиот „ас во ракав“: Оружјето кое може да ја парализира светската економија

Точка

17/03/2026

15:02

1.282

Големина на фонт

а а а

„Sky News“ анализира оружјето и тактиките што Иран ги користи за блокирање на една од најважните светски трговски рути – и средствата што Техеран би можел да ги употреби подоцна.“

Стравот од мини што ги поставуваат подморниците, камиказа дрон-чамци и оневозможување на GPS сигналот практично го затвори Ормускиот Залив.

Иран со години се закануваше дека ќе го затвори овој тесен морски премин низ кој поминува околу 20% од светските испораки на нафта, знаејќи дека таков потег би предизвикал хаос на пазарите и нагло зголемување на цените на енергенсите. Токму тоа сега, според проценките, се случува.

Од почетокот на конфликтот најмалку 16 бродови беа погодени во напади што Иран ги припишува на своите сили. Техеран објави и видео за кое тврди дека го прикажува моментот на нападот врз нафтен танкер крај брегот на Ирак, со разурнувачки последици.

Според податоците на Меѓународната поморска организација, околу 3.000 бродови и 20.000 членови на екипажот моментално се заробени или погодени од кризата во тој регион.

Прашањето е кои сè методи Иран користи во блокадата на оваа клучна морска рута – и што уште би можел да употреби.


Морски дронови

Напади со морски дронови станаа позната тактика за време на војната во Украина, а сега се користат и во Персискиот Залив.

Овие дронови, познати како USV (беспилотни површински пловила), се мали пловила без екипаж кои можат да се движат по површината или непосредно под неа, што ги прави тешки за откривање и одбрана – особено ноќе.

Снимки објавени минатата година од Иранскиот револуционерен гарнизон наводно прикажуваат такви дронови во подземен тунел.

Според извештаи, морски дронови натоварени со експлозив биле користени во најмалку два напада на нафтени танкери од почетокот на конфликтот.

На почетокот на март, танкер со сурова нафта бил погоден околу 70 километри од брегот на Оман, при што загинал еден член на екипажот.

Неколку дена подоцна беше погоден танкерот „Sonangol Namibe“, што плови под знаме на Бахамите, во близина на ирачкото пристаниште Хор ал Зубаир.

Видео што кружи по интернет прикажува објект сличен на морски дрон кој удри во страна на бродот и предизвика експлозија од која се крена густ чад.

Според анализа на тимот на „Sky News“ за податоци и форензика, Иран нападнал најмалку 16 пловила во Ормускиот залив и пошироката област на Персискиот Залив.

Само од среда, погодени се шест бродови, што е најинтензивниот бран на напади досега.

Иран при тоа претрпел и загуби – според извештаи, 87 лица загинале кога американската морнарица минатата недела потопила ирански воен брод крај брегот на Шри Ланка.

Во регионот биле забележани и беспилотни воздушни дронови, кои можеби претставуваат помала закана за самите бродови, но се опасни за екипажите и имаат силен психолошки ефект, вели аналитичарот Сидарт Каушал од лондонскиот институт „RUSI“.

Дали Иран поставува мини?

Сè повеќе се зборува за можноста Иран да поставува противбродски мини во Ормускиот залив.

Овој вид оружје, познат уште од Втората светска војна кога се создаваа огромни мински полиња, претставува сериозна закана за бродовите што минуваат низ спорниот морски премин.

Според зборовите на Каушал, Иран располага со таканаречени контакт-мини, како и со понапредни системи што чекаат на морското дно.

Таквите мини преку сензори откриваат кога бродот ќе помине над нив, по што ослободуваат проектили слични на торпеда.

Мини можат да поставуваат бродови, но и таканаречените „џуџести подморници“. Тие мали подморници се базирани на модел од Северна Кореја и се користат за тајно поставување мини.

Не е јасно колку мини досега се поставени во Ормускиот залив.

Американските извори тврдат дека бројот е помал – неколку десетици, додека агенцијата „Reuters“ пренела дека Иран поставил околу десетина мини, при што повеќето од нивните локации се познати.

Противбродски ракети – оружје што Иран сè уште не го користел

Според аналитичарите, Иран сè уште не го употребил целиот свој арсенал на противбродски ракети.

Во тој арсенал спаѓаат ракети како иранската верзија на кинеската ракета C-802, како и домашната ракета „Hejbar Shekan“.

„Иранците засега го постигнаа својот стратешки цел“, вели Каушал, мислејќи на фактот дека Ормускиот залив е практично затворен.

Ситуацијата би можела да се промени доколку меѓународните сили се обидат да овозможат премин на трговски бродови низ мореузот со воена придружба.

„Ако се обиде да се пробие мореузот со помош на воени бродови, тогаш некои од овие способности би станале многу порелевантни“, додава тој.

Досега Соединетите Американски Држави одбиваа речиси секојдневни барања од бродските компании за воена придружба низ Ормускиот залив, но американскиот министер за финансии, Скот Бесент, за „Sky News“ изјавил дека тоа наскоро може да се промени.

Оневозможување на GPS сигналот

Голем проблем во регионот претставува и оневозможувањето на GPS сигналот (точно GNSS системите).

Ормускиот залив веќе пред избувнувањето на конфликтот беше едно од главните жаришта на електронско оневозможување.

Таквата технологија може да се користи за нарушување на противникот, но и како одбрана од дронови.

Директорот на Кралскиот институт за навигација, Рамзи Фарагер, „Sky News“ изјавил дека е можно повеќе држави да ја користат оваа технологија во Персискиот залив.

„Веројатно станува збор за комбинација – Иран го зајакнува сопствениот извор на оневозможување, но и соседните земји ги вклучиле своите системи за да се одбранат од напади со дронови“, рече тој.

На картите за оневозможување на сигналот се гледаат жаришта над Оман и Обединетите Арапски Емирати, земји што исто така биле мета на иранските напади.

На поморските сервиси за следење на бродови, како VesselFinder, поради GPS оневозможувањето, бродовите се појавуваат во необични геометриски групи, што не ги претставува нивните реални позиции.

Фарагер заклучува дека регионот денес е едно од најактивните места во светот кога станува збор за електронско оневозможување, кое влијае не само на поморскиот сообраќај, туку и на авионите што летаат во тој регион.