На доделувањето на Оскарите, кое во неделата навечер по 98-ми пат се одржа во Лос Анџелес, видовме многу познати лица, вклучувајќи и едно што повремено предизвикува чудење, иако му припаѓа на човек кој зад себе има долгогодишна кариера во јавната сфера.
Адам Пирсон, познат актер и телевизиски водител, е еден од оние кои често на црвениот тепих „го крадат шоуто“ од најголемите ѕвезди, а тоа овојпат беа Тимоти Шаламе, Леонардо Ди Каприо, Итан Хок, Џејкоб Елорди...
Иако обично е ненаметлив, Пирсон е некој за кого секогаш се зборува по церемониите што ги собираат славните, а не е тешко да се погоди зошто. Неговото лице покажува дел од неговиот живот со неврофиброматоза, генетско нарушување што доведува до раст на бенигни тумори на нервното ткиво.

Актерот целиот живот бил мета на насилство, особено врсничко, во разни облици поради тоа како оваа состојба се одразува на неговиот изглед, поради што е вклучен во повеќе проекти за подигање на свеста за неврофиброматозата и превенција на злоставување и нетолеранција.
Болеста му била рано откриена
Адам Пирсон е роден во Кројдон во 1985 година и има брат близнак. Неговиот брат Нил и тој толку многу личеле што дури и мајка им понекогаш ги мешала, а денес, повеќе од четири децении подоцна, на многумина им е тешко да поверуваат дека тие се идентични близнаци.
Кога имале пет години, Адам пронашол израсток што никако не исчезнувал и набргу му била дијагностицирана неврофиброматоза тип 1. Истото е и со неговиот брат Нил, кај кого нарушувањето се манифестира на поинаков начин.

Адам, кај кого состојбата е повидлива, го следеле прекарите Квазимодо, Лузна и Човек-слон, а најтешко му било во тинејџерските години, кога секојдневно во училиштето бил жртва на малтретирање.
„Да се биде поинаков во тинејџерските години е само по себе тешко, а деформитетот сето тоа го засилува“, признава тој.
Имал повеќе од 30 операции и го изгубил видот на едното око, а израстоците продолжувале да се појавуваат.
„Сите тие тумори се обвиткани околу крвните садови и нервите и мислам дека многумина тоа не го сфаќаат. Ми велат дека треба да се оперирам, а јас одговарам – ова е по операција“, истакна своевремено актерот кој играше во филмот „A Different Man“, инспириран токму од приказната на човек што живее со неврофиброматоза.

Кариера пред камерите и покрај деформитетот на лицето
Сепак, Адам не ѝ дозволил на болеста да го кочи во животот. И покрај врсничкото насилство и збунетите погледи, се обидувал да води нормален живот, како и сите негови врсници. На Универзитетот во Брајтон дипломирал бизнис-менаџмент, а потоа работел за „BBC“ и „Channel 4“ на разни работи во продукцијата пред во 2015 година да стане водител на серијалот „Beauty and the Beast: The Ugly Face of Prejudice“.
Потоа учествувал во разни телевизиски проекти, а првпат заиграл на филм во остварувањето „Under the Skin“, во кое во 2013 година играше со Скарлет Јохансон. Се надевал дека неговата улога ќе помогне во намалувањето на стигмата со која живеат луѓето што на некој видлив начин се разликуваат, а тогаш открил колку радост му носи глумата.

Следувале уште неколку забележителни улоги, а минатата година беше најавено дека ќе игра во „The Elephant Man“, филмска адаптација на истоимената претстава на Бернард Померанц, односно римејк на култниот филм на Дејвид Линч од 1989 година.
„Живот без тешкотии е живот без вера“
Како што тој напоменува, неговиот деформитет на лицето е сосема неважна работа во неговиот живот.
„Мојата попреченост е најмалку интересната работа кај мене“, вели тој.
Денес, по повеќе децении живот во кој го следеле непријатни погледи и коментари, Адам Пирсон смета дека не би бил тоа што е доколку немал проблем каков што другите не можат ни да го замислат.
„Живот без тешкотии е живот без вера. Како можеш да ја практикуваш својата вера ако не минуваш низ оган?“, изјави еднаш актерот.










