„Фин е, но слаб и глупав“: Трамп шокира со изјава по оставката на близок соработник поради Иран – „Добро е што си замина“

Точка

17/03/2026

22:50

769

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави, изјави дека е „добра работа“ што високиот функционер од разузнавачката заедница Џо Кент поднел оставка поради несогласувањето со војната против Иран.

Претседателот на САД рече дека, иако мислел дека Џо Кент е „фино момче“, сепак бил „слаб кога станува збор за безбедноста“.

„Кога го прочитав соопштението, сфатив дека е добра работа што си замина, бидејќи рече дека Иран не е закана“, изјави Трамп и додаде:

„Иран беше закана, секоја земја сфати колку голема закана беше Иран, прашањето е само дали сакаа нешто да преземат во врска со тоа.“


Трамп истакна дека кога некој „кој работи со нас“ ќе каже дека не мислел оти Иран е закана, „ние не ги сакаме тие луѓе“.

„Тие не се паметни луѓе, не се вешти луѓе. Иран беше огромна закана“, повтори тој.


Кент: Не можам со мирна совест да ја поддржам војната

Да потсетиме, директорот на американскиот Национален центар за борба против тероризмот Џозеф Кент денес поднесе оставка поради американско-израелската војна во Иран, наведувајќи во писмо до претседателот Доналд Трамп дека Иран не претставувал непосредна закана за Соединетите Американски Држави.

„Не можам со мирна совест да ја поддржам тековната војна во Иран“, напиша Кент на платформата „X“.

Тој додаде дека Иран не претставувал непосредна закана за САД и дека е јасно дека Соединетите Американски Држави ја започнале војната под притисок на Израел и неговата моќна американска лобистичка група.