Владата ја следи состојбата со растот на цените на светските нафтени берзи и за утре во 12 часот најави седница на која ќе се разгледуваат мерки за ублажување на ценовниот удар врз горивата.
Од Владата информираат дека трендот на поскапување на глобалните пазари веќе врши притисок врз домашните цени, а се очекува дополнително зголемување на цените на дизелот и бензините од почетокот на следната недела.
-Цените на светските нафтени берзи растат, што се очекува дополнително да се одрази на домашната цена на горивата. Иако на бензинските станици во земјава има убедливо најевтини горива во споредба со регионот се очекува во понеделник да има дополнителен раст на цените на дизелот и на бенизините. Заради тоа Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки за борба против високите цени на бензините со кои ќе се ублажи ценовниот скок, брифираат од Владата.
Во меѓувреме, од 18 март на бензинските пумпи на ОКТА, Пуцко Петрол, Макпетрол и Лукоил горивата се продаваат за два денара поевтино од максималните цени утврдени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Намалувањето следуваше откако ОКТА понуди пониски набавни цени за трговците и започна со испорака на гориво по пониски тарифи.

Претходно, на 13 март, министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на ОКТА, Димитриос Пасхос, најавија дека до крајот на месецот компанијата ќе ги намали цените на дизелот и бензините за два денара за своите партнери. Според нив, конечните цени остануваат во надлежност на трговците, во согласност со нивните деловни политики и пазарните услови.
Инаку, со последните две одлуки на РКЕ, цената на дизелот е зголемена за 21 денар по литар, додека бензините поскапеа за 12 денари. Главна причина за поскапувањата, како на домашниот, така и на глобалниот пазар, се геополитичките случувања на Блискиот Исток.











