ФЗО го „чешлаше“ МВР: Утврдени лажни боледувања, изречени казни од 1,2 милиони денари

Макфакс

23/03/2026

18:02

602

Големина на фонт

а а а

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), по барање на Министерството за внатрешни работи, спроведе детална контрола на боледувањата кај вработени во МВР.

Контролата беше реализирана во втората половина на 2025 година и опфати 80 осигурени лица, кај кои биле евидентирани вкупно 514 боледувања.

Од вкупниот број боледувања 258 траеле до 7 дена, 171 траеле до 15 дена, 83 биле со траење од 30 или повеќе дена.

Најчесто користени дијагнози при издавање на боледувањата биле: болести на респираторниот систем (82 случаи), болести на мускулно-скелетниот систем и сврзното ткиво (69 случаи), болести на дигестивниот систем (45 случаи).


При контролата се утврдени неправилности кај 29 од контролираните 80 лица, што претставува околу 37 проценти од опфатените случаи.

„Овие 29 лица користеле вкупно 236 боледувања, од кои 100 биле оценети како неуредно издадени, додека 136 биле уредни. Тоа значи дека неправилности се утврдени кај 100 од вкупно 514 боледувања, односно кај околу 19,5 проценти од вкупниот број контролирани боледувања“, соопшти директорот на ФЗО, Сашо Клековски.


Во рамки на постапката, контролирани се и 105 приватни здравствени установи, претежно ординации по општа медицина (98), како и ординации по гинекологија и акушерство (4) и стоматологија (3).

Неправилности биле констатирани кај 29 здравствени установи, од кои 27 од општа медицина и 2 од гинекологија. Неправилности се утврдени и кај тројца специјалисти и кај две комисии.

Најчести утврдени неправилности се неисполнување на задолжителните дијагностички постапки согласно Критериумите од Правилникот за оценка на привремена спреченост за работа.

За сите утврдени неправилности, во тек се постапки за изрекување казни во вкупен износ од 1,2 милиони денари.

„Оваа активност на Фондот е дел од засилените контроли врз боледувањата во јавниот сектор, каде во последните години се регистрираат значителни сомнежи за злоупотреби на системот за привремена спреченост за работа. Фондот за здравствено осигурување останува цврсто посветен на доследна примена на прописите, унапредување на контролниот систем и заштита на средствата од задолжителното здравствено осигурување“, вели Клековски.